Првиот човек на ЈП „Градски паркинг“, Крсте Петревски е именуван за нов директор на ЈСП-Скопје, велат извори на Плусинфо од претпријатието, а тој доаѓа на местото на Александар Стојковски кого Арсовска го разреши од функцијата.
Петревски е трет директор на јавното сообраќајно претпријатие откако градоначалничка на Скопје е Данела Арсовска, а инаку тој е кадар на политичката партија ГРОМ.
Арсовска прво го разреши Кристијан Чушков откако стана градоначалник на Скопје, а за в.д. директор беше именуван Иван Илиевски. По само 5 месеци, во мај минатата година, Илиевски си замина од функцијата.
За нов вршител на должност директор на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) беше назначен Александар Стојковски од кој Арсовска очекуваше да воведе ред во ЈСП.
Во моментов Скопје нема целосно функционален јавен превоз кој треба да го организира ЈСП. Автобуските линии се разретчени, автобуските станици се преполни со нервозни граѓани, а нервозата дополнително расте кога ќе пристигне преполн автобусот во кој нема место за нови патници. Работниците протестираа поради тоа што им доцнеше платата, имаше поплаки од нив дека возат нефункционални автобуси, немаа резервни делови, немаа нови гуми…
фото: Фејсбук