Пазарните инспектори извршиле 30 надзори од 8 април досега и за најмалку 20 фирми имаат сомневање дека ја прекршиле одлуката за дистрибуција и продажба на најмалку 70 отсто од количествата на овошје и зеленчук што ги испорачувале во јануари и февруари, па доколку се утврди дека ова е точно им следуваат кази од 800 до 10.000 евра – изјави Горан Трајковски, директор на Државниот пазарен инспекторат, за весникот Вечер.
– Констатирано е дека во магацините има доволно овошје и зеленчук и апелирам да биде доставено во согласност со Одлуката на Владата. Така, на пример, во саботата во магацините откриени се над 300 тона грав кој се чувал и не се пуштал во продажба – изјави Трајковски.
Инспекторите се фокусирани за проверката на количествата и на цените по кои се продаваат, но и по кои се увезуваат производите грав, кромид, домат, краставици. Тие ја проверуваат целата документација со која располагаат правните субјекти.
Минатата недела Владата донесе одлука со која ги ограничи цените на свежите домати, краставици, кромид, пиперки, грав, леќа, портокали, банани и мандарини, по што дел од овие производи ги снема од тезгите на пазарите и маркетите.