Демократот Роберт Ф. Кенеди помладиот, активист против вакцините и потомок на едно од најпознатите политички семејства во САД, се кандидира во трката за претседател на изборите во 2024 година.
Кенеди вчера поднесе изјава за кандидатура до Федералната изборна комисија, предизвикувајќи го актуелниот претседател Џозеф Бајден за номинацијата како следен кандидат на демократите на изборите во 2024 година, објави АП.
Шеесет и деветгодишниот Кенеди, внук на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди и син на неговиот убиен брат Роберт Ф. Кенеди, е автор на бестселери и застапник за заштита на животна средина.
Кенеди беше еден од водечките гласноговорници во движењето против вакцинацијата пред повеќе од 15 години, тврдејќи дека вакцините се небезбедни. Експертите за јавно здравје, па дури и членовите на неговото семејство ја опишаа неговата активност како погрешна и опасна.