Денешниот чин, е почеток на сериозен стратешки и државнички подвиг, чија придобивка и благодат ќе ја гледаат сегашните и идните генерации на нашата земјата но и на двете наши соседни земји кон исток и кон запад кои ги поврзува Коридор 8, и на сите кои ќе минуваат низ него – рече премиерот Димитар Ковачевски денеска во Тетово на поставување камен-темелник на проектот Коридор 8.
– Изградбата на модерен, современ автопат Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан, денеска покажува дека е конкретна, реална и остварлива цел која е во интерес на граѓаните, за нивен подобар живот и просперитет на бизнис заедницата. Секој автопат носи можност за нови бизниси и економски развој. Нови бензински пумпи, нови хотели, ресторани, деловни објекти, повеќе вработувања, подобро платени работни места, поголема конкуренција и побрз развој – рече Ковачевски.
Според премиерот, со гео-стратешката позиција и Коридор 8 ние стануваме неизбежна транспортна рута како во регионот така и пошироко.
– Знам колку овој автопат е важен за нов економски и развоен импулс не само на западниот дел од земјава, туку и за регионален развој на целата држава. Изградбата на Коридорот 8 значи поврзување на државата со другите земји од Европа, значи странски инвестиции, економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и роба, развиен туризам и пред сè безбедни и сигурни патишта за граѓаните – рече Ковачевски.
Тој потсети дека Коридорот 8 и коридорот 10д се најголемиот инфраструктурен проект досега во нашата држава во патниот сектор. Вредноста на Договорот за изградба на коридорите 8 и 10д изнесува 1,3 милијарди евра. Ќе се градат четири автопатски делници во вкупна должина од околу 110 километри.
– Вакво нешто никогаш во историјата на нашата држава не било направено. До денес, овие два коридора биле само план на хартија, кој никогаш не бил реализиран од разни причини. Денес тоа се менува и започнува нивната реализација. За прв пат како држава се поврзуваме кон запад и исток, а не како досега само поврзување север и југ. Со изградбата на автопатите нашата држава ќе биде поврзана со уште две пристаништа. Пристаништето во Драч и пристаништето во Бургас и тоа за нас е одлична можност и перспектива за развој. Северна Македонија ако досега беше кружен тек, сега со овој коридор 8 станува вистинска крстосница на Балканот – рече Ковачевски.
Тој рече дека е среќен што реализацијата на патната инфраструктура продолжи без разлика на тешката економска криза не само кај нас, туку насекаде во светот. И покрај кризата, оваа Влада која ја предводам, инвестира во создавање на квалитетни услови за живот на сите граѓани без разлика во кој дел од државата се наоѓаат.
– Јас нема да отстапам од инвестиции во инфраструктурата, нема да отстапам од инвестиции во енергетската независност на државата и нема да отстапам од инвестиции во зголемување на енергетските капацитети на државата, бидејќи тие се предуслов за економски раст на државата. Посебно ми е драго што овој автопат ќе биде голема шанса за развој на Северна Македонија. Коридорот 8 и 10Д се многу важни за нашата стратешка автономија со која нашата земја ќе се најде на сообраќајната и економската карта на Европа.
На крај сакам да им порачам на изведувачите, на проектантите, на надзорот, на колегите од МТВ, на вработените и раководството на ЈПДП нека е среќен денешниот ден и нека биде со лесно и плодно и градежните работи да завршат во предвидениот рок – рече премиерот Ковачевски.