Утре, во салата на советот на Општина Струмица, од 11.00 до 13.00 часот ќе се одржи Граѓански форум: Селекција на отпад за почиста животна средина. Ова е завршна активност на проектот „Селекција и рециклажа на отпадот за намалено загадување во општините Струмица, Ново Село и Босилово“, што го спроведува Зелен институт.
На настанот, како што е најавено во соопштението, ќе бидат презентирани решенија на конкретни проблеми за успешна селекција на отпад во Општина Струмица, активности на јавното комунално претпријатие, како и добри пракси за селекција на органски отпад од нивите (компостирање и производство на природни ѓубрива) и пластика и хартија од домовите.
На граѓанскиот форум се поканети градоначалникот, советниците, локалната администрација, јавното комунално претпријатије, надлежните инспектори, НВО и граѓани.
Активностите се дел од проектот „Поддршка на изборни реформи“ на Владата на Швајцарија кој го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).
Крајната цел на проектот е мобилизирање на Општините за намалување на загадувањето на животната средина со отпад, со зајакнат капацитет на советниците и локалните институции, како и за повисока еколошка свест на граѓаните.