Вечерва со почеток во 20 часот, на големата сцена на Македонскиот народен театар ќе почне 19. издание на фестивалот Танц Фест 2023 под мотото „Танцувајќи создаваме иднина!“. Фестивалот ќе се отвори со доделувањето на наградите „Менада“, а потоа ќе биде изведена претставата „Таленти во движење“.
Добитници на наградите „Менада“ за поддршка на современиот танц се Универзитетот „Кодартс“од Ротердам Холандија, со кој Интерарт културниот центар соработува 15 години и со чија поддршка е основана првата едукативна програма за современ танц на универзитетско ниво во земјава и на Универзитетот „Гоце Делчев“ на кој во 2017 година се вдоми Катедрата за современ танц. Наградите ќе ги примат директорот на Кодаратс танцовата компанија, Кит Рандолф, кој допатува во Скопје и проректорот за наука на универзитетот „Гоце Делчев“, професор д-р Зденка Стојановска.
По доделувањето на наградите, публиката ќе има можност да ја види претставата „Таленти во движење“ на Кодартс танцовата компанија од Ротердам, во чест на 30 години дипломатски односи помеѓу Холандија и земјава. Со настапот на интернационалниот состав од 18 танчери на сцената, ќе можеме да уживаме во извонредната техника, софистицираност и експресивност која оваа претстава ја нуди, низ пејсажи на емотивен напој и креација.
Соработката со Кодартс, Рисима Рисимкин ја воспостави пред 15 години, во тоа време соработувајќи со Самуел Вуерстен, кој беше уметнички директор на Ротердамската академија за современ танц, конекција која го смени текот на историјата на современиот танц кај нас и придонесе за развој на универзитетска програма за оваа уметничка категорија, како и формирањето на Скопје танцовиот театар, кој за само 10 години, стана извонредно познат во светски размери и кој минатата година гостуваше на една од најпретсижните светски сцени, во Националниот театар за современ танц „Шајо“, во Париз.
Оваа соработка продложува да живее, и на голема радост на публиката на фестивалот, повторно ќе ги видиме младите „ѕвезди на иднината“ како што ги нарекува холандската и светската критика.