Љубителите и колекционери на грамофонски плочи во земјава се револтирани, и како што велат, навредни и посрамени, од акцијата на Царинската управа која во неделата упаднала на регионален колекционерски настан во Куманово, каде пред стотина гости од соседните земји, Србија, Црна Гора и Косово, привела петмина колекционери од Србија и ги запленила нивните плочи со образложение дека продавале нецаринета стока.
Колекционерите се изненадени особено поради тоа што вакви настани, наречени Берза на винили, кои привлекуваат љубители на грамофонски плочи, се организирале претходно во Кочани и во Битола, исто со гости од странство, но немало никакви проблеми. Исто така, велат организаторите, гостите уредно ги пријавиле своите плочи на Царина при влез во земјата, заедно со поканата за настанот, и им било дозволено да ги внесат.
Според очевидци, рацијата на мобилниот тим на Царинската управа се случила во неделата околу 11 часот, еден час пред официјалното отворање на манифестацијата Берза на винили, на која петмина домашни и десет регионални колекционери требало да се претстават пред публиката. Додека сè уште ги поставувале штандовите, дошла царинската конторола и запленила околу 500 плочи. Ги одзеле само плочите кои се донесени од странство, а не и домашните.
Гостите од Србија биле однесени во Скопје, како што велат ортганизаторите, „како најголеми криминалци“. Тие добиле прекршочни пријави за пуштање во промет нецаринета стока и секој од нив платил глоба од околу 150 евра за да си ги добијат личните документи и да излезат од државата.
Плочите им се привремено одземени и ќе бидат предадени во Агенцијата управување со одземен имот, што исто така ги револтира организаторите, зашто велат дека станува збор за ретки колекционерски плочи, кои тие треба да им бидат вратени на сопствениците.
Колекциоенрите се револтирани од целиот манир на изведената акција, на настан кој пред се има културно-уметничко значење, каде љуѓето со слични афинитети се дружат, разговараат, слушаат музика, разменуваат плочи, стрипови, маици, беџеви… Тие сметаат, дека доколку нешто било незаконски, можело да биде решено со разговор и луѓето би послушале. Наместо тоа, на настанот дошле голем број инспектори со придружба, вознемирувајќи ги сите присутни, иако, велат инспекторите се однесувале пристојно.
– Дали ние, љубителите на слушање (и колекционирање) музика на винили (грамофонски плочи) сме криминалците во оваа држава кои треба да бидат уловени, уништени, за да ни “процвета” државата? Нè засрамивте пред стотици луѓе, пред гостите што редовно ги каниме да доаѓаат и кои доаѓаат затоа што низ годините се докажавме дека сме добри домаќини, и дека сакаме да се дружиме. Нè засрамивте како народ, како група луѓе, колекционери, нè засрамивте пред цел Отворен Балкан – напиша на Фејсбук, Тошо Филиповски, познат музички новинар, автор и колекционер на музика.
Тој вели дека берзите како настани, насекаде се максимално толерирани и уште повеќе, стимулирани од локалните заедници, без исклучок се третираат како културни настани, со настапи на Ди-џеи, бендови, работилници.
– И никој од тоа не се обогатува, ама сите се со прекрасно поминат ден (или викенд), меѓу стотици плочи, од кои голем дел можат да се видат само таму и следен пат којзнае каде и кога. Ама ете, некому ова му засмета – вели Филиповски.