Отстранувањето на првите 70 нилски коњи коишто се потомство од неколкуте донесени од нарко-босот Пабло Ескобар ќе ја чини Колумбија 3,5 милиони долари. Популацијата на нилски коњи во Колумбија, кои никогаш порано ги немало, се проценува на 130 – велат колумбиските власти.
Ескобар ги донел нилските коњи во Колумбија кон крајот на 80-тите. Но, по неговата смрт во 1993 година, животните биле оставени слободно да шетаат во жешкиот, мочурлив регион Антиохија, каде што властите за заштита на животната средина беа немоќни да го контролираат нивното размножување. Така, според наводите, од четири нилски коњи кои избегале од селскиот имот на Ескобар, произлегле 130, што е можеби најголемата популација надвор од Африка.
Без природни непријатели кои би ја одржувале рамнотежата, нивниот број ќе расте неконтролирано, а проценките велат дека до 2034 година во Колумбија би имало 1.400 нилски коњи.
Властите соопштија дека планираат да фатат и преместат околу половина од животните следните месеци, при што 10 ќе одат во прифатилиштето „Осток“ во северно Мексико, а 60 во сѐ уште неименуван објект во Индија.
– Целата операција би требало да чини околу 3,5 милиони долари – изјави сопственикот на прифатилиштето Ернесто Зазуета.
Нилските коњи сѐ почесто го напаѓаат околното население. Поради сѐ тоа, колумбиското Министерство за животна средина ги прогласи нилските коњи за опасен вид, дозволувајќи така и лов. Преносот на животните, сепак, се смета за прва мерка за нивно спасување.