„Примената на новите иновативни технолошки решенија во плаќањата веќе подолго време е присутна во светот, а со пандемијата зеде уште поголем замав. Во Европската Унија таа беше дополнително поттикната со поставувањето на единствениот европски пазар. Со нашата определба за членство во ЕУ, визијата за модернизација на плаќањата и нивно поефикасно извршување во земјата, а понатаму, и полесно приклучување кон европскиот пазар, ја согледавме преку транспонирањето на европските регулативи и директиви во домашното законодавство, односно со донесувањето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, како и поголем број (26) подзаконски акти за негова практична имплементација“, објаснува вицегувернерката Емилија Нацевска во гостувањето во емисијата „Агенда 35“ на МТВ.
Вицегувернерката посочува дека една од новините коишто ги предвидува Законот е тоа што овозможува, покрај банките, плаќањата да ги вршат нови даватели на платежни услуги, коишто ќе бидат насочени кон давање платежни услуги за компаниите и за граѓаните. Светската практика покажува дека тие главно се од доменот на финтек-секторот, односно ги користат најновите технолошки достигнувања за да им овозможат полесни, побрзи и поефикасни платежни услуги на граѓаните и на компаниите. Поголемата конкуренција, пак, ќе ги поттикне и банките да ги унапредат сопствените решенија за извршување на плаќањата и да ја подобрат понудата на пазарот, што секако ќе влијае за намалување на трошоците, како и за зголемување и подобрување на услугите од оваа област.
Осврнувајќи се на другите погодности коишто ги нуди Законот за платежни услуги и платни системи, вицегувернерката Нацевска ја истакна заштитата на потрошувачите којашто ќе се постигне преку транспарентноста. Со Законот за платежни услуги и платни системи се воведува обврска за банките и за давателите на платежни услуги да склучат рамковен договор со корисниците на услугите, а пред тоа, корисниците ќе треба да се информираат за надоместоците на платежните услуги. Рамковниот договор ќе биде пропишан во една стандардизирана форма, на прегледен и јасен начин, со сите информации врзани за правата и обврските на корисниците. Давателот на платежни услуги ќе има обврска редовно да доставува извештаи за наплатените надоместоци. Исто така, за најрепрезентативните, односно најчесто користените платежни услуги, банките и другите даватели на платежни услуги ќе бидат обврзани да доставуваат податоци до Народната банка, коишто на споредбена основа, за секој давател поединечно, ќе бидат објавувани на интернет-страницата на Народната банка. На тој начин се обезбедуваат брзи и лесно достапни информации за корисниците на платежните услуги, при изборот на давателот на конкретната платежна услуга.
Од аспект на погодностите, со Законот за платежни услуги и платни системи се воведува и сметка со основни функции, која овозможува неограничен број трансакции на внесување и повлекување готовина и плаќања со дебитна картичка, како и најмалку пет плаќања кон други корисници во истата банка и одржување на сметката, за месечен надоместок до 1% од просекот од последните исплатени 12 просечни плати во земјава (31 денар согласно последните податоци). Ранливите категории население нема да плаќаат надоместок за оваа сметка. Граѓаните можат да ја користат сметката со основни функции само во рамките на своите расположливи средства, односно не можат да навлегуваат во т.н. минусно салдо, коешто имаат навика да го користат. Оттаму, за да ја отворат сметката со основни функции граѓаните треба да ги регулираат своите обврски кон банката, користејќи ги другите кредитни производи на банките, а во доменот на плаќањата, една од можностите е користењето на кредитните платежни картички.