Девојче од муслиманска вероисповед од Кочани се пожалило дека е дискриминирано со тоа што во основно училиште „Малина Поп-Иванова“, каде учи, не ѝ било дозволено да посетува настава носејќи шамија. Наставниците од училиштето негираат, а вчера во посета на ова училиште беше заменик-мијнистерот за образование и државниот секретар за образование.
Шестооделенката Алејна Исмаиловска вели дека класната раководителка во училиштето ѝ се обратила со зборовите: „Шамија може во џамија да носиш, а во училиште ти е забрането“. Истото подоцна ѝ го кажале и педагогот и психологот, тврди девојчето.
Наспроти ова, од училиштето „Малина Поп-Иванова“ тврдат дека ученичката Алејна не била навредувана, ниту имала забрана за посетување на настава, ниту пак во училиштето има забрана за носење шамии од страна на ученичките.
Родителите го пријавиле случајот, па вчера во училиштето беше заменик-министерот за правда, Агим Нухиу и државниот секретар Мухамед Точи, кои разговараа со директорот Благој Петров и донеле заклучок дека ученичката може да ја носи шамијата за време на наставата.
„Родителите рекоа дека Алејна била спречена да продолжи со настава заради шамијата во училиште во Кочани! Шамијата на една од нашите сестри не е презир, туку благодарност од секој што ќе реши да ја носи! Никој не може да биде над законот! Правда и достоинство за сите“, објави заменик-министерот Нухиу на Фејсбук на македонски, албански и на ромски јазик.
Таткото на Алејна, Енѓул Азизов, изјави за Цивил.мк дека откако отишол во училиштето да побара објаснување зошто неговото девојче не смее да носи марама, која впрочем ја носи заради Рамазанскиот пост (само еден месец), бил брутално исфрлен од педагогот со зборовите: „Излезете надвор и ако девојчето дојде утре со шамија во училиште нема да ја примиме. Ќе ми носите шамии тука… ова не е Скопје или Тетово“.
Граѓанското движење „Аваја“ соопшти дека најостро го осудува овој случај на дискриминација по верска и етничка основа и бара да се испита целиот случај од страна на Министерството за образование и наука, Државниот просветен инспекторат и Општина Кочани и да се преземат соодветни чекори за решавање и санкционирање на лицата вклучени во омаловажување и малтретирање на ромското девојче.
Според информацијата на оваа организација една од наставничките неколку дена пред соучениците го понижувало девојчето со зборовите „ти не си стара жена, па да носиш шамија” и побарала да ја извади шамијата.
„Целиот овој настан се случува во најсветиот месец за муслиманите Рамазан. Слободата на религијата е загарантирана со Устав и закон, а дискриминацијата врз основа на религија е забранета и од тука произлегува дека институциите мора да ги почитуваат законите и да ги почитуваат начелата на религиска толеранција. Загрижува фактот што ова доаѓа од просветни работници кои имаат благородна и хумана професија преку која ги образуваат и воспитуваат идните генерации на почит на различностите кои се богатство на нашата земја“ – вели здружението во своето соопштение.
„Аваја“ најавува дека ќе достави претставка до Народниот правобранител и ќе го пријави овој случај до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.