Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ изјави дека нема никаков договор за друга интервенција во Уставот, освен за впишување на Бугарите, Црногорците, Хрватите и на другите етнички заедници кои тоа го бараат.
Според него, сега не е време за други интервенции, кои би одзеле повеќе време, иако министерот за правда Кренар Лога вчера истакна дека неопходни се и другите измени на Уставот, како што е измената во делот каде министерот за правда по функција е член на Судски совет, регулирање на вакуумот со распуштање на Собранието и при смената меѓу еден и изборот на друг министер, како и во делот на тоа што беше проблематично во пандемијата и други прашања како што е делот со 20 проценти за јазикот, односно внесувањето на албанскиот јазик во македонскиот Устав.
– Да се фокусираме на оние обврски кои што произлегуваат од преговарачката рамка. Така мислам дека имаме најголеми шанси за успех, во разумен рок оваа година да ги завршиме уставните измени. Секое друго прашање е вредно за разгледување но не верувам дека е сега вистинското време за тоа, зашто ќе земе и повеќе време и повеќе енергија и ќе го комплицира процесот. Можеме понатаму да ги елаборираме тие прашања и да видиме дали имаме расположение двотретинско за дополнителни промени на Уставот – рече Маричиќ.
Тој нагласи дека проесот на уставни измени ќе започне пред летото и очекува да бидат успешен, а изборите ќе бидат во редовен термин следната година.
По изјавата на министерот Лога отворањето на Уставот за вметнување на бугарската заедница да се искористи и за уставно дефинирање на албанскиот јазик како официјален, а не како „јазик што го говорат 20 отсто“, вчера и министерот за надворешни рааботи Бујар Османи искажа став процесот на евроинтеграцијата да не се оптоварува со други прашања.
– Личен став, иако не ја знам намерата, е дека сега треба да се концентрираме на уставните измени поврзани со продолжување на преговорите со ЕУ, затоа што тие се целосно технички, немаат политички последици, не носат никаква закана за државата, за заедниците. Тоа што го кажувам постојано е едноставно потврдување на тоа што имплицитно е веќе во Уставот. Значи во категоријата ‘други’, во Преамбулата и во останатите членови каде што се спомнуваат заедниците, се подразбираат сите тие коишто се набројани во пописот – рече Османи.