Луѓето од двете страни на Тајванскиот теснец се етнички Кинези и имаат исти предци, изјави денеска поранешниот тајвански претседател Ма Јинг-јеу на почетокот на историската посета на Кина, критикувана од владејачката партија на островот.
Ма, кој беше на власт од 2008 до 2016 година, е првиот тајвански претседател, поранешен или актуелен, што ја посети Кина откако владата на „Република Кина“ побегна во Тајван во 1949 година, откако ја загуби граѓанската војна со комунистите.
Ма е во посета на Кина во услови на зголемени тензии меѓу Пекинг и Тајпеј, а тајванската владејачка Демократска прогресивна партија изрази сомневање дали таквата посета е соодветна сега кога Пекинг успеа да привлече на своја страна уште еден тајвански дипломатски сојузник во лицето на Хондурас, со што бројот на земји со кои островот има официјални дипломатски односи се сведе на само 13.
Говорејќи пред мавзолејот Сун Јат-сен во источниот кинески град Нанџинг, каде што е погребан човекот кој го собори последниот кинески цар во 1911 година и ја прогласи Кина за република, Ма ја пофали работата на Сун.
– Луѓето од двете страни на Тајванскиот теснец се Кинези и потомци на императорите Јанг и Хуангди (митски кинески владетели) – рече поранешниот тајвански претседател, според соопштението објавено од неговата прес-служба.
Во својот говор, Ма употреби формулација на кинески што се преведува како Кинез по етничка припадност, а не по националност.
„Наследници на императорите Јанг и Хуангди“ е израз кој го нагласува односот на кинескиот народ со нивните заеднички предци. Анкетите покажуваат дека повеќето Тајванци престале да се чувствуваат Кинези.
Сун официјално се смета за татко на Република Кина, што е официјалното име на Тајван до ден-денес. Сун е почитуван и од Кинеската комунистичка партија поради соборувањето на династијата Кинг, но од друга страна, владите во Пекинг и Тајпеј не се признаваат меѓусебно.
Посетата на Ма е дел од подадената рака за дијалогот на тајванската Националистичка партија (Куоминтанг), најголемата опозициска сила на островот, со надеж за намалување на тензиите меѓу Кина и Тајван. Националистите традиционално се залагаат за поблиски врски со Кина, но силно негираат дека се прокинески настроени.
Актуелната претседателка на Тајван Цаи Инг-вен повеќепати и понуди разговори на Кина, но Пекинг ја отфрли можноста да преговара со неа, сметајќи ја за сепаратист бидејќи смета дека само тајванскиот народ може да одлучи каква ќе биде неговата иднина.
Ма, кој е исто така висок функционер во Куоминтанг, рече дека се надева дека ќе има мир.
– Искрено се надеваме дека двете земји ќе работат заедно за мир, ќе избегнат војна и ќе се стремат кон заживување на Кина – рече поранешниот тајвански претседател, повторно користејќи израз кој кинескиот народ го означува како етничка група, а не како националност.
– Ова е неизбежна одговорност на кинескиот народ од двете страни на теснецот и затоа мора да работиме напорно во оваа насока.
Не е предвидено Ма да се сретне со ниту еден претставник на кинеското раководство. Тој и кинескиот претседател Си Џинпинг се сретнаа во Сингапур во 2015 година.
фото: МИА