Денеска во касарната „Илинден“ се одржа централна свеченост за одбележување на третата годишнина од членството на Северна Македонија во НАТО – Алијансата.
На свеченоста се обратија претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
„ Почитуван потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија, Хусни Исмаили,
Почитувана министерке за одбрана, Славјанка Петровска,
Почитуван началник на Генерал-штабот на Армијата на Република Северна Македонија генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски,
Почитувани припадници на Армијата, почитувани претставници на медиумите и гости,
Горд сум што можам денеска исправено пред вас да се обратам како Премиер на земја која пред три години, токму на денешниот ден – 27 март, оствари една од нејзините стратешки цели – станавме членка на најмоќниот воено-политички сојуз – НАТО алијансата.
Горд сум и што моите, нашите деца овој ден ќе го изучуваат како еден од најсветлите денови во нашата историја. Затоа што овој ден ја гарантира и нивната иднина.
27ми март е денот кога Северна Македонија ја запечати својата безбедносна иднина. Момент после кој нашата стабилност не може да биде доведена под прашалник од никој. И од таа точка можеме да чекориме само напред, силно и забрзано.
Оваа годишнина не е само сеќавање на моментот кога македонското знаме се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел, иако сум сигурен дека таа слика ќе остане трајно врежана во нашето сеќавање и секогаш ќе ни предизвикува вакви силни чувства на национална гордост.
Тоа е момент во кој престанавме да бидеме точка на дневен ред на безбедноста, и станавме дел од масата која го создава дневниот ред за светската безбедност.
Нашата национална одлука за членство во Алијансата, ги проби бариерите на партиите, религиите и народите и не’ обедини. Незначајна маргина се оние малкумина кои не се горди на овој наш успех и би сакале други алтернативи.
Убеден сум дека такво обединување имаме и околу нашите одлуки за Европската Унија.
Денеска, ние сме НАТО. Ја остваривме едногласната одлука на нашето Собрание од 1993 година и идејата на нашите претци, кои се бореа да сме еднакви со најразвиените.
Успеавме да се избориме на овој пат со носење храбри, државнички и тешки одлуки.
Со истото темпо продолжуваме и на нашиот пат кон членството во Европската Унија.
Кога говориме дека ние сме НАТО, важно е да можеме да си одговориме „Што значи да се биде НАТО?“
НАТО заштитува, обединува и зацврстувa. Пред се, да се биде НАТО е силна гаранција на нашата територија и безбедност, од страна на најуспешната воено-политичка Алијанса во историјата на човековата цивилизација. Печат на нашиот територијален интегритет и суверенитет.
Да се биде НАТО, значи да се дели масата за одлучување со најразвиените земји во светот, да се носат одлуките за светската безбедност заедно со најмоќните. Да се чува нашиот и светскиот мир како дел од воено супериорна, политички силна и релевантна и економски доминантна организација. Мир и развој за безмалку една милијарда луѓе, кои живеат во заеднички демократски вредности.
Да се биде НАТО значи дека сме еднакви во обединето силно семејство во кое сите заедно се справуваме со предизвиците, и заедно се јакнеме во својата одбрана било да е воена или дигитална сајбер одбрана.
Поразлична перспектива на тоа колку е важна безбедноста и стабилноста ни даде бруталната неиспровоцирана воена инвазија која Русија ја врши врз Украина. Војна за каква мислевме дека европското тло нема повеќе да види.
Наместо тоа, човечкото патење и ужасниот регрес на деструктивноста се повторува, и дополнително се трансформира во хибридна војна која користи сајбер и информациски оружја.
Во оваа разорна војна, нашето место како и секогаш кога ќе се свртиме назад кон македонската историјата, останува исто, а тоа е да се биде на вистинската страна на историјата. Уште на почетокот, минатата година го осудивме овој конфликт, ја поддржавме и ја поддржуваме Украина, за која во континуитет обезбедуваме помош.
Целта на поддршката не е да се продолжат воените дејствија, туку независна Украина да ја одбрани својата независност и територијален суверенитет и своите храбри луѓе.
Оваа војна, со сите свои елементи ја втурна Европа во нова безбедносна, но и енергетска и економска криза, за чие справување, солидарноста и обединетоста на НАТО беа и се уште се клучни. И токму во таа обединетост може да види визијата на сојузништвото, и зошто од оваа криза повторно ќе излеземе посилни, посплотени.
Вие припадниците на Армијата сте рамноправни со вашите колеги од земјите членки на НАТО. Рамноправни во способноста, знаењето, во придонесот во колективната одбрана.
Државата, Владата, Министерството во последните неколку години покажа што значи да се возврати за лојалноста на Армијата кон својата држава, а Вие со Вашиот пример покажавте дека можеме да се гордееме со вас.
Горди сме со припадниците на Армијата на Северна Македонија кои не претставуваат во сојузничките мисии во Латвија, во Романија, во Бугарија, во мисиите Косово, во Ирак, во Босна и Херцеговина, Либан, Централноафриканската Република.
Заслужен е секој денар кој го вложуваме во модернизација на Армијата, заслужено е секое годишно покачување на буџетот за Армијата и одбраната кое годинава достигна до 1,85% од БДП а следната година ќе достигне до 2% од БДП, заслужена е целата нова опрема која ја модернизира Армијата, како и сите поволности кои ги обезбедивме за секој припадник на Армијата со новиот Закон за служба.
Да се биде НАТО значи да ни се зајакне и расте Армијата. Силна и спремна Армија е гаранција за безбедноста на земјатата но и за колективната одбрана на Алијансата.
Нашата силна и спремна Армија беше таа којашто помагаше во спроведувањето на мерките за справување со КОВИД, со секој пожар кој ни се случи, со земјотресите во Албанија и Турција.
Армијата во сите овие случаи спаси човечки животи. И за таа спремност и пожртвуваност сме ви крајно благодарни.
За крај, сакам уште еднаш да ни честитам, на сите граѓани на Северна Македонија за оваа годишнина и ни посакувам да одбележуваме уште многу следни години во мир и благосостојба.
Благодарам.“