Премиерот на Бугарија Кирил Петков во изјава за бугарските новинари кои известуваа за неговата посета на Белград, рече дека имал телефонски разговор со македонскиот колега Димитар Ковачевски.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков коментирајќи оштетувањето на венците што бугарската делегација ги положи на гробот на Гоце Делчев во Скопје, кажа дека секогаш ќе има провокатори.
Петков очекува да има нулта толеранција за провокации и верува дека тоа никако нема да ја намали брзината или да ги спречи започнатите заеднички активности.
– Ние имаме заедничка цел, а тоа е добрососедството и добри билатерални односи – истакна бугарскиот премиер Кирил Петков.
Инаку, на денот на обележувањето на 150-годишнината од раѓањето на нашиот најистакнат револуционер Гоце Делчев, членови на навивачки групи на нецивилизиран начин ги отстранувале лентите од венците кои беа положени од страна на бугарските официјални претставници за време на оддавањето почит на гробот.