Приведени се две лица од скопско Арачиново, во чие возило полициски службеници откриле 35 килограми марихуана, во вредност од 100.000 евра.
„Утринава од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога и опасни материи – Единица за недозволена трговија со дрога во содејство со Одделот за специјални полициски операции – САЕ Тигар, Оперативен тим Потраги при СВР Скопје и СВР Тетово се лишени од слобода две лица од с. Арачиново, скопско, при што е спречен транспорт на околу 35 килограми дрога“, информираат од МВР.
Имено, во утринските часови на наплатна станица Тетово, на автопатот Гостивар – Тетово, полициски службеници дале знак за запирање на патничко возило „Ренџ Ровер“, со скопски регистарски ознаки, управувано К.А.(32), во кое сопатник бил О.А.(23), двајцата од с. Арачиново, скопско. Лицата не ја почитувале дадената полициска наредба да го сопрат возилото, туку се дале во бегство, притоа оштетувајќи службено полициско возило, но набргу се запрени и лишени од слобода.
„При извршен преглед во багажниот простор на возилото пронајдени се четири вреќи со марихуана, со вкупна тежина од околу 35 килограми, со вредност од околу 100.000 евра. На самото место на наплатната станица Тетово излезе и Јавен обвинител од тетовското ОЈО кој го раководеше увидот. Малку подоцна, по добиена судска наредба, извршени се претреси и во домовите на двете лица во с. Арачиново, при што се пронајдени предмети поврзани со кривичното дело“, известуваат од МВР.
Оттаму посочуваат дека против А.К., МВР подолг временски период презема мерки и активности за негово пронаоѓање и лишување од слобода, бидејќи за него е распишана централна потерница поради бегство од штипскиот затвор, каде има за доиздржување затворска казна од околу 6,5 години, а се барал и по расписи за извршени повеќе кривични дела, како шверцување на мигранти и шверц со дрога.
Двете лица се приведени во СВР Тетово и против нив во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, по член 215 од Кривичниот законик.
„Денешната акција е уште една од низата акции на МВР во последниов период преземени во борбата против недозволената трговија со дрога и наркотични средства, но и бројните мерки и активности за пресметка со сите видови криминал“, нагласуваат од полицијата.