More

    Само Бектеши и владата веруваат во инфлација под 7,1 отсто за годинава

    spot_img

    Тешко остварлива цел, шарена лага и гол популизам е очекувањето во сегашните услови во земјава и во глобални рамки да се очекува стапката на инфлација до крајот на годината да се спушти од 16,7 отсто под 7,1 отсто, колку што е планирана во буџетот за годинава – велат поранешни министри и економисти. Министерот за економија Крешник Бектеши изјави денеска дека очекува стапката на инфлација да падне под 7,1 отсто до крајот на годината.

    Тие сметаат дека непредвидливоста на состојбите во светот со банкарската криза, која може да се одрази на намалената побарувачка во економијата и кај нас, а дополнително и намалувањето на работната сила, можат да придонесат економијата и покрај подобрите услови да не ги испорача планираните ефекти.

    Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека очекувањата на Бектеши се само негова желба и популизам кои не се темелат на факти, бидејќи состојбите не се такви какви што се прикажуваат.

    – Состојбата е многу посериозна од големиот оптимизам во изјавите на министрите. Фатмир Битиќи вели дека се подобрил животниот стандард со зголемување на платите, што во реалноста не е случај. Во услови кога цените растат повеќе од платите не може да се очекува подобар стандард. Друг министер вели дека сме пред прием во ЕУ, а Бектеши е приказна за себе. Велат, ги замрзнале цените со намалување од 10 и 15 отсто. Па лесно е да се замрзнат така бидејќи се дозволи претходно тие да се зголемат за 70 и за 100 отсто. Колку тоа влијае на подобрување на стандардот на граѓаните и на падот на инфлацијата? Прашувам, врз основа на кои анализи ја дава оваа изјава Бектеши за инфлација под 7,1 отсто? Нема можност да се постигне планираната, а не пак да се оди под неа! Зарем не ги следи случувањата во светот од кој сме дел? Во една ваква еуфорија на владата не може да се верува, но затоа пак може да се верува на изјавите на гувернерката на Народната банка, а нејзините предупредувања треба да се почитуваат – вели Хајредини.

    И поранешниот министер за финансии Трајко Славески смета дека е тешко веројатно, со сегашните случувања во светски рамки и дома, земјава да достигне стапка на инфлација од 7,1 отсто.

    – Што можам да кажам. ова е уште една шарена лага која нема ништо со реалнноста – кусо ни изјави Славески.

    Економистот и поранешен пратеник Маријанчо Николов вели дека е мошне тешко да се предвиди што ќе се случува со цените во текот на годината за да може со сигурност да се тврди дека ќе се постигне стапка на инфлација од 7,1 отсто. Ако е целта да се постигне тоа, вели Николов, потребна е голема координација меѓу монетарната и фискалната власт.

    – Сè уште имаме висока инфлација на почетокот на годинава. Во февруари имавме инфлација кај трошоците на живот од 16,7 отсто, а кај цените на мало таа изнесуваше 12,4 отсто. Ќе треба многу работи да се поместат на подобро за да може да се постигне планираната стапка. Дополнително и во светски рамки треба состојбите да се подобрат за да може да се надеваме на натамошен пад на стапката на инфлација, што во основа не е така, ако се имаат предвид новите случувања во банкарскиот сектор и она што го преземаат владите за запирање на натамошниот крах на секторот. Владата ќе треба да се откаже од голем број непродуктивни трошоци, а Народната банка ќе треба да преземе уште најмалку две зголемувања на референтната каматна стапка за да може да се влијае на инфлацијата. Тоа го направи и Европската централна банка. Но притоа треба да се внимава да не се создадат неповолни услови кои неповолно ќе се одразат на економијата – вели Николов.

    Непредвидливоста на случувањата во глобални рамки, посебно во економиите кои се наши трговски партнери, вели тој, влијаат и на случувањата во земјава, каде што растот на цените е резултат на цените на енергенсите.

    – Кога се мислеше дека се стабилизираа цените на струјата и гасот излезе неочекуван проблем со банките. Така што се ќе зависи што понатаму ќе се случува, бидејќи дел од проблемите што ќе ги имаат економиите со кои соработуваме ќе се прелее и кај нас. Дома, пак, имаме проблем со одлив на работната рака и недостиг на работници што сигурно ќе влијае, и покрај тоа што економијата ќе има услови, да не се постигнат посакуваните ефекти – додава тој.

    Според октомвриските оцени на Народна банка, за 2023 година се очекува инфлација од 8 до 9% и нејзино стабилизирање до нивото од 2,4% во 2024 година и 2% на среден рок.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img