Земјоделците не се против замрзнување на цените и на нивното производство, но бараат владата да има предвид дека тие нема да се согласат цената на производот да биде под производната цена и законската заработка, предупредуваат од земјоделските здруженија, откако сѐ погласни се најавите дека ќе има замрзнување на цената и на оризот, овошјето и на зеленчукот.
Земјоделците велат дека доколку се случи да не се почитува земјоделскиот труд, кој со години се потценува, тие се подготвени да започнат „селанска буна“.
Владата да го почитува земјоделскиот труд пред да ги замрзне цените
Петре Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци, очекува при донесување на одлука за замрзнување на цените на земјоделските производи, владата да го почитува земјоделскиот труд и да не ги доведе на работ на опстанок.
– Поздравуваме сè што е здрава политика во прилог на заштита на стандардот на граѓаните. Тоа подразбира и замрзнување на цените и на земјоделските производи и можеби и на откупната цена, но апелираме владата при една ваква одлука да не посегне по производната цена на земјоделското производство која е резултат на нашите трошоци и секако на нашиот приход за опстанок. Доколку се случи обратното ние сме подготвени да ја активираме „селанската буна“ која е во мирување со години и ќе знаеме како да ги заштитиме нашите права. Но мислам дека веќе им е јасно на сите дека секоја лоша одлука на владата во земјоделството се одразува на намалување на бројот на земјоделци посебно во делот на стратешките производи – вели Стојкоски.
Според него, владата има механизми кои треба да ги користи за да го заштити земјоделскиот производител во одделни состојби кога откупувачите ќе се обидат да ги намалат откупните цени, ако се замрзне нивната цена.
– Во вакви случаи го има интервентниот фонд кој е формиран да се заштити земјоделското производство. Нашите трошоци за производство се високи, а многу често откупните цени се дури и пониски од производната цена. Ако се случи ваква состојба и сега со замрзнување на цената на одделни земјоделски производи да се посегне по производната цена, ќе биде лошо за земјоделците и секако за државата. Тоа дополнително ќе придонесе да се намали бројот на земјоделци, а ќе имаат причина повеќе да не сакаат да се занимаваат со оваа дејност. Сето тоа треба да се има предвид при носењето одлуки поврзани со земјоделството – вели Стојкоски.
Оризопроизводителите се со став дека замрзнувањето на цената на оризот ќе значи и замирање на производството на ориз во земјава кое од година во година се намалува. Според нив, при една ваква одлука на владата може да се очекува дека ќе реагираат откупувачите со замрзнување или намалување на откупната цена.
– Со замрзнување на цената, укинувањето на субвенциите и воведување на некои дополнителни трошоци, како осигурување, нас ќе нè доведе во ситуација, ние самите да се откажеме од оризопроизводството – изјави за Сител, Стојче Ташев, оризопроизводител од селото Облешево.
Овоштарите сметаат дека нема услови за замрзнување на цената на овошјето од домашно производство бидејќи тоа во земјава има најниски цени споредено со регионот.
Овоштарите произведуваат загуби
– Цената на јаболкото е најниска во регионот и е пристапна за граѓаните на пазарите. Доколку има отстапувања од цените секако државата треба да интервенира, но во основа сметаме дека нема потреба од замрзнување на цената на домашното овошје. Овоштарите лани произведуваа со загуба. Производната цена на јаболката лани изнесуваше 14 до 15 денари по килограм без пресметан приход од најмалку 10 отсто, а откупната цена е околу 10 денари за килограм. Индустриското јаболко се откупува по цена од 5 денари, а добиваме 3 денари помош од државата значи 8 денари. Кога сето тоа ќе се сумира ние работиме со загуба од најмалку 4 -7 денари. Јаболката на пазарите на големо се нудат по просечна цена од 27 денари за килограм, а на зелените пазари има различна цена но главно околу 20 денари, па има и попусти, ако се земат повеќе килограми – вели Љубе Пампулески, претседател на Здружението на овоштари.
Тој додава дека овоштарите, лозарите и оризопроизводителите со години произведуваат со загуби што ќе треба да го има предвид владата кога ќе одлучува кои цени треба да се замрзнат.
Николовски вели дека ќе се интервенира кај земјоделското производство
Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, се следат цените на влезните елементи во земјоделското производство и има одредени намалувања на цените на вештачкото ѓубриво и на други суровини. Министерството за земјоделство, според него, успева да интервенира за да ги намали трошоците на земјоделците при производство на храна и да го одржи и зголеми домашното производство.
– Минатата година поддршката беше во делот на поледелското производство, на житните култури, за да се одржи и зголеми производството, а оваа година, зависно од потребите и барањата на подсекторските групи, има доволно средства да се интервенира дополнително и во делот на сточарството, за дополнителна поддршка на млекото и за сѐ за што во тек на годината имаат потреба и земјоделците и сточарите – изјави Николовски.
Следната недела може да замрзне цената на оризот
Институтите денеска треба да ги заокружат анализите дали ќе се зголеми списокот на прехранбени производи со замрзната цена. Министерот за економија Крешник Бектеши вчера најави дека согласно податоците, на почетокот на наредната недела ќе се донесат соодветни одлуки ако има простор за замрзнување на цените и на шеќерот, јајцата и на оризот. Во меѓувреме, се бара и замрзнување на цените на овошјето и на зеленчукот кои на зелените пазари достигнаа максимум последниот месец.