Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во интервју за Еуроњуз на англиски јазик изјави дека мора да се спроведе сето она што беше потпишано во дијалогот меѓу Белград и Приштина и што беше потпишано од претставниците на Европската унија.
Тој рече дека кога станува збор за Заедницата на српските општини, под покровителство на ЕУ, се потпишани четири договори – план за имплементација, принципи, управување и Првиот договор.
„Веќе имаме потпишано сè и секако дека е потпишано од претставници на ЕУ и тоа мора да се спроведе. И тоа не е крајната цел. Крајната цел е Србите и Албанците да живеат заедно, да живеат многу подобро и да се почитуваат, без непријателство“, рече Вучиќ.
На прашањето дали се подготвува за нова рунда разговори со претставниците на Косово и кои се „црвените линии“, Вучиќ рече дека не зборува често за црвените линии, бидејќи ако доволно се зборува за тоа, тогаш нема вистински преговори и „другата страна ќе инсистира само на тие црвени линии“, и дека е поважно да се обиде да најде компромисни решенија.
Како што рече, двете страни имаат црвени линии, но двете страни треба да направат многу за да се нормализира ситуацијата.
„Верувам дека во интерес на двете страни е да се обезбеди слободен проток на стоки, луѓе и капитал. Мора да работиме многу посветено на тоа, како и на спроведување на сите претходни договори“, рече Вучиќ.
На прашањето дали Србија е подготвена да направи некои отстапки на косовската страна кога станува збор за членството во Советот на Европа или барем да ја започне таа процедура, Вучиќ рече дека тие „веќе ја започнале таа процедура во Советот на Европа, без да ја прашаат Србија и дека Србија не им треба за тоа“.
Тој повтори дека им кажал на францускиот претседател Емануел Макрон и на германскиот канцелар Олаф Солац што мисли за приемот на Косово во ОН, но дека Белград е подготвен да разговара за други прашања.
„Мораме да разговараме за некои закони што треба да се донесат и за тоа ќе разговарам во Охрид со моите соговорници и со некои други луѓе. Но, ние сме подготвени да разговараме за многу прашања и тие ги знаат моите црвени линии“, изјави Вучиќ.
Одговарајќи на прашањето дали тоа значи дека има отвореност, односно дека не е затворена вратата за можноста Србија да каже „да“ за членството на Косово, тој рече: „Во некои организации да. Не зборувам за Советот на Европа, тоа веќе го почнаа без нас“.
Вучиќ, на прашањето дали европската перспектива ѝ е доволна на Србија, бидејќи таа само „чека“, одговори дека вистинскиот проблем е што луѓето „се заситија од секакви притисоци со кои се соочуваме во однос на Косово, санкциите и сè друго“.
Како што истакна, затоа популарноста на ЕУ (Србија) е речиси на најниско, а беше уште полоша пред еден месец, но дека Србија направила многу и дека ако продолжи вака, смета дека еден ден ќе стане членка на ЕУ.