Во периодот од шест до 10 часот на територијата на земјава денеска е спроведена акциска контрола на возила што вршат јавен превоз на ученици, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„При контролата констатирано е едно кривично дело по член 284-а од Кривичниот законик за возење без соодветна лиценца. Констатирани се 37 сообраќајни прекршоци, а на вонреден технички преглед биле упатени 14 возила“, појаснуваат од МВР.
Сообраќајните контроли за зголемување на безбедноста на учениците од дома до училиште и од училиште кон дома, продолжуваат и во наредните денови.
„Апелираме до сите да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и на тој начин сите заеднички да придонесеме да се зголеми безбедноста на децата и на сите нас“, потенцираат од МВР.