Ситуацијата околу Бахмут се уште е тешка, но украинските сили ги отфрлаат сите руски обиди да го заземат градот, изјави командантот на копнените сили, генерал полковник Олександр Сирскиј, кој тврди дека руските платеници од групата „Вагнер“ се обидуваат да упаднат во центарот на градот.
„Ги одбивме сите непријателски обиди да го заземе градот со артилерија, тенкови и друго огнено оружје“, изјави украинскиот генерал, пренесува Ројтерс.
Сирски рече дека руската платеничка група Вагнер „напаѓа од неколку правци“, обидувајќи се да ги пробие украинските одбранбени линии и да напредува кон центарот на градот.
Британската агенција посочува дека не може самостојно да го потврди тој извештај, наведувајќи дека некои воени експерти се сомневаат во смислата да се продолжи да се брани градот, додека Сирски тврди дека тоа помага да се купи време за подготовка на контраофанзива.
Тој, потсетува Ројтерс, во саботното соопштение изјави дека „неопходно е да се купи време за да се создадат залихи и да се започне контраофанзива, која не е далеку“.