Реформистичката партија на естонската премиерка Каја Калас го обезбеди првото место на парламентарните избори во неделата, резултат што треба да обезбеди останување на цврсто проукраинската влада во Талин.По пребројувањето на 98 отсто од гласачките ливчиња, резултатите покажуваат дека либералната група на Каје Калас освоила 31,5 отсто од гласовите. На второ место е партијата ЕКРЕ со 16,1 отсто од гласовите, а успехот на екстремно десничарската партија се припишува на загриженоста на некои гласачи за зголемените трошоци за живот по руската инвазија на Украина.
Доколку Калас (45) успее да формира функционална коалиција, тоа би ја зацементирало проевропската насока на балтичката нација.
Естонија, западниот сосед на Русија со население од 1,3 милиони, исто така ќе остане на пат да ги спроведе зелените политики и да продолжи да прифаќа бегалци од Украина.
Калас рече дека изборите ја оставиле нејзината партија во силна позиција да формира коалициска влада која ќе продолжи да повикува на притисок врз Русија.
„Мораме да инвестираме во нашата безбедност, нашиот агресивен сосед не исчезна и нема да исчезне, затоа мора да работиме на тоа“, им рече таа на новинарите во централниот хотел во Талин каде вечерта се собраа партиските поддржувачи. Реформистичката партија победи на изборите во 2019 година, но тогаш не ја презеде власта бидејќи три помали партии формираа влада. Таа влада падна во 2021 година, дозволувајќи му на Калас да формира коалиција и да ја преземе функцијата премиер.
За време на кампањата, ЕКРЕ вети дека ќе ги намали сметките за енергија со тоа што ќе се спротивстави на транзицијата кон зелена енергија и дека ќе престане да прифаќа нови украински бегалци од војната. Партијата, исто така, ја критикуваше политиката на владата за испраќање оружје во Украина, велејќи дека таа не ги земала предвид одбранбените потреби на земјата.
Одѕивот бил 63,7 отсто, што е во согласност со претходните избори, а преку интернет гласале 51 отсто од гласачите, вклучително и Калас.