На годишната седница на парламентот, премиерот на Кина, Ли Кечијанг кажа дека Пекинг се уште се залага за мирно обединување на Кина со Тајван и затоа треба да се продолжи кон развивање на односите со што би се забрзал процесот на обединување.
– Треба да се залагаме за мирен развој на односите преку Тајванскиот теснец и да го забрзаме процесот на мирно обединување на Кина – рече Ли.
На седницата се разговараше и за војската на Кина, за кои премиерот посочи дека треба да се посвети поголемо внимание во обуката и да се зголеми борбената готовност, па буџетот за одбраната ќе се зголеми за 7,2 отсто за разлика од минатата година.
– Нашите вооружени сили, фокусирани на одбележувањето на стогодишнината од Народноослободителната армија во 2027 година, треба да се подготват за воени операции и да ја зајакнат борбената готовност – рече Ли.
Кина ја има најголемата војска во светот и нејзиниот развој и стратешките намери на Пекинг се причина за загриженост во регионот и во Вашингтон. Пекинг редовно тврди дека издвојува релативно низок процент од БДП за армијата и одбраната и дека критичарите сакаат да ја прогласат Кина за закана за светскиот мир.