Бугарскиот амбасадор во Македонија, Ангел Ангелов, на вечерашното одбележување на 3 март, Националниот празник на неговата земја, изјави дека во основата на дипломатијата е дијалогот, а улогата да дипломатите е да градат мостови.
– Ова е можно само преку остварување средби и контакти – потребна е хемија, и во оваа смисла нашата улога е да бидеме хемичари. Соочени сме пред нови предизвици – агресијата на Русија врз Украина, ние остро ги осудуваме овие дејствија. Војната покажа дека беше од голема важност членството на Република Северна Македонија во НАТО, нешто што Бугарија безусловно го поддржа – рече Ангелов на настанот во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.
– Република Северна Македонија има можност да почне вистински преговори со ЕУ, по исполнувањето на нејзините обврски усвоени од Парламентот и од Советот на ЕУ. Улогата на евроинтеграцискиот процес е важна, се работи за модернизирање на општеството, владеење на правото, екологијата, одбраната, образованието… – вели тој.
Според него, фактот дека билатералната трговија се зголеми на една милијарда евра во 2022, првпат во историјата, покажува дека правецот е добар и дека добрососедските односи немаат алтернатива.
– Времето е во ваши раце. Ние ќе продолжиме да бидеме тука, ќе ги продолжиме програмите и проектите за поддршка на земјата – рече Ангелов.