More

    Телефонскиот повик може скапо да те чини, затоа имаш алтернативи

    spot_img

    Граѓаните кои се јавуваат на бројот за информации на ЕВН, 089 089 089, се непријатно изненадени, бидејќи секој повик на овој број им се наплаќа како хотлајн-услуга. Тие се прашуваат зошто ЕВН за ваква услуга не користи обичен или бесплатен број, што е востановена практика кај сите компании кои имаат голем број контакти со корисниците.

    Од ЕВН тврдат секој корисник уште на почетокот од контактот добива информација дека за тоа дека повикот се наплаќа, а цената на повикот ја утврдува секој телекомуникациски оператор одделно. Компанијата ги советува граѓаните да ги користат алтернативните начини за комуникација со компанијата.

    Од Организацијата на потрошувачи, пак, тврдат дека според новиот Закон за заштита на потрошувачите, компанијата која дава јавни услуги треба да им овозможи на корисниците да поднесат приговор и преку телефонски повик, по основна тарифа, покрај другите законски пропишани начини на поднесување приговор – усно, писмено и преку електронска пошта.

    Граѓани кои поради исклучена струја се јавувале на телефонскиот број за контакт со ЕВН, 089 089 089, непријатно се изненадиле кога добиле повратна информација од телекомуникациските оператори дека за повикот треба да платат голема сума пари.

    – Се изненадив кога морав да се јавам на телефонски број со многу цифри и кој вообичаено се смета за хотлајн-услуга и кој има висока цена за минута разговор. Но, на веб страната на компанијата за добивање информација е наведен само бројот 089 089 089. Прво помислив дека е бесплатен број, бидејќи и порано ЕВН имаше таков број за информации за дефекти на мрежа, за кој беше наведено дека е бесплатен. Но, немав мир додека не проверив кај мојот телефонски оператор и утврдив дека бројот не бил бесплатен и дека за информацијата солено ќе платам. За минута разговор, да ги прашам во ЕВН зошто нема струја и нивниот одговор дека има дефект за кој не знаат за колку време ќе го санираат, платив 50 денари. Се прашувам, зарем ЕВН не може да има обичен број, на кој ние корисниците ќе ги добиваме потребните информации? – вели револтиран граѓанин.

    Во иста состојба се нашол и друг корисник, кој тврди дека контактот и чекањето да се јават од ЕВН веќе го чинат 200 денари.

    – Работам од дома, ама снема струја и морав да се јавам во ЕВН да прашам што е проблемот. Но, не успевав да добијам оператор и морав неколку пати да направам повик со чекање и сите процедури дека се снима, дека операторот е зафатен и така со ред, по неколку минути. Тогаш не знаев дека на бројот на ЕВН кој почнува на 089 се плаќала посебна цена за разговор, бидејќи претходно на сличен број беше наведено дека повикот е бесплатен. Тоа го дознав кога од мојот оператор ја добив сметката. Кога видов дополнителна наплата на повици надвор од договорот, реагирав кај операторот. Ми дадоа извештај во кој велат дека сум имал повици на жешка линија, а кога го проверив бројот, сфатив дека е тоа на ЕВН. Сега бесплатната линија кон ЕВН ме чини 150 до 200 денари за секој повик што сум го направил за да добијам информација – вели тој.

    Од ЕВН за Плусинфо појаснуваат дека тарифирањето на повиците кон повикувачкиот центар зависи од договорот кој корисникот го има склучено со својот провајдер на телекомуникациски услуги, а информација дека повикот се наплаќа се добива на почетокот на контактот.

    – ЕВН не ја утврдува таа цена, односно цената е регулирана со горенаведениот договор со телекомуникацискиот оператор. При остварување на секој повик, корисникот добива информација дека разговорот ќе биде тарифиран, според тарифник утврден во тој договор. За користење на услугите на ЕВН Хоме, на корисниците им е овозможено да остварат контакт на две линии 089 089 089 како и 02 3205 000. За користење на услугите на Електродистрибуција на корисниците им е овозможено да остварат контакт на дополнителни две линии 0890 88888 како и 02 3205 300 – појаснуваат од ЕВН.

    Оттаму додаваат дека за добивање на сите неопходни информации како и реализирање на барања, компанијата одамна има овозможено алтернативни начини на комуникација кои им стојат на располагање на корисниците.

    – Корисниците активно ги повикуваме да ги користат електронските сервиси на www.evnonline.mk или да испратат електронски допис на адресата info@evn.mk. – додаваат од ЕВН.

    Од Организацијата на потрошувачи остануваат на тврдењето дека компанијата која дава јавни услуги треба да им овозможи на корисниците да поднесат приговор и преку телефонски повик по основна тарифа.

    – Ова прашање е регулирано во членот 191 од Законот за заштита на потрошувачите, каде што се утврдува правото на приговор. Покрај другото, во него се утврдува дека трговецот кој дава јавни услуги е должен да му овозможи на потрошувачот да го поднесе својот потрошувачки приговор за јавни услуги и преку телефонската линија по основната тарифа на повикот што, согласно со овој закон, трговците кои даваат јавни услуги се должни да им ја обезбедат на потрошувачите. Покрај ова, приговорот се поднесува усно или на хартија, во просториите на компанијата, при што трговецот е должен да обезбеди и присуство на лице кое е овластено да прима потрошувачки приговори во текот на целото работно време, или да го поднесе својот потрошувачки приговор по пошта, факс-уред или електронска пошта. Трговецот е должен за приговорот да му издаде потврда. Забрането е трговецот да врши наплаќање за поднесувањето и постапувањето по потрошувачкиот приговор – појаснуваат од ОПМ.

    Според тарифниците на телекомуникациските оператори, телефоните со предзнак 08 000 ххх се наплаќа посебна цена и зависно од договорот со корисникот, ако компанијата која ги користи овие броеви нема договор за месечна или годишна претплата.

    Операторот А1 оваа услуга ја нарекува „универзалните броеви за пристап 0890“, а цената зависи од тарифниот модел. Според регуларната цена за национални разговори A1 Nova/A1 Neo/Vip Neo тарифи: 7,9 денари/минута.

    Во Македонски телеком услугата на бројот 0800 се нарекува „зелен број“, кој можат да го користат компаниите за да им обезбедат информации на крајните корисници во врска со своите производи и услуги. Повиците кон овој број се бесплатни за повикувачите и целокупниот сообраќај го плаќа компанијата која е корисник на услугата зелен број 0800.

    Годишен надомест за доделување на број 0800 за компаниите е 2.880 денари, а месечниот надоместок за зелен број 1.199 денари. Цени за разговори (нормална/ евтина тарифа) за повици од сите национални мобилни и фиксни мрежи 2,9 денари за минута.

    Цената, пак, на овие броеви која им се наплаќа на корисниците, зависно од договорот и тарифата, може да чини од 118 до 354 денари за минута.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img