78-годишен жител од Чешиново–Облешево починал на 16 септември на Клиниката за инфективни болести поради компликации од вирусот на Западно-нилска треска.
Тој е четврт случај годинава и случајот во ИЈЗ е пријавен на 12 септември.
„Првичните симптоми кај пациентот започнале на 09.09.2024 со намален апетит, малаксаност и покачена температура до 39°C. Поради појава на вознемиреност, агресивност, афазија и губиток на свест, пациентот на 10.09.2024 година со возило од ИМП Кочани бил пратен во КБ Штип каде биле спроведени дијагностички невролошки процедури. Поради тешката состојба на пациентот и дијагностициран енцефалитис, во текот на истиот ден е упатен за УК за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје (КИБФС). Земени се примероци за микробиолошки анализи на повеќе причинители. Со серолошко испитување е добиен податок за присуство на антитела кон причинителот – WNV од вирусолошката лабораторија при ИЈЗ во серум и ликвор, односно потврдено е заболувањето Западно-нилска треска. Поради влошената состојба на пациентот и покрај поставување на кислородна маска и дадена терапија за стабилизирање на состојбата, пациентот егзитирал на 16.09.2024 за време на хоспитализација при КИБФС“, пишува во извештајот на ИЈЗ.