На 17 јуни во 2018 година Македонија и Грција го потпишаа меѓудржавниот договор, со кој се стави крај на спорот помеѓу двете земји, којшто започна веднаш по прогласувањето на самостојност и сувереност на нашата држава.
Преспанскиот договор беше потпишан на брегот на Преспанското Езеро, во малото грчко село Псарадес (Нивици) од страна на министрите за надворешни работи на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници од двете земји.
Осум месеци по потпишувањето и откако беше ратификуван во двете земји, Договорот, на 12 февруари 2019 година, стапи во сила. Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.
Договорот од Преспа го отвори патот за интеграција на нашата земја во евро- атлантските институции, но и го подигна нивото на билатералните односи меѓу Македонија и Грција.
Како резултат на Преспанскиот договор, Македонија стана 30-тата членка на НАТО.