33-годишен руски поет е осуден на седум години затвор затоа што рецитирал песна
Судот во Москва денеска го осуди 33-годишниот поет Артјом Камардин на седум години затвор, бидејќи во септември минатата година на протестот против мобилизацијата рецитирал песна против војската во Украина, пренесува француската новинска агенција АФП.
Артјом Камардин беше уапсен во септември минатата година, кој на протест одржан на еден од плоштадите во руската престолнина ја рецитираше својата песна со наслов Убиј ме, милицијанец. Во исто време тој извикуваше остри пароли против империјализмот и руската анексија на украинските територии.
33-годишниот Русин рече дека неговото притворање било особено насилно. Тој тврдеше дека полицијата практично го силувала, а потоа го принудила да сними видео во кое се извинува за својата постапка. Пред тоа наводно им се заканувале и на неговите тогашни партнери.
Покрај Камардин, денеска на пет и пол години затвор е осуден и 23-годишниот Јегор Штовба, кој исто така учествуваше на истиот протест, пренесува Франс прес. И двајцата беа осудени за „предизвикување омраза“ и „поттикнување активности кои ја загрозуваат државната безбедност“.
Штовба денеска пред судот инсистираше дека не го прекршил законот со учеството на протестот, па Камардин побара помилување и рече дека не ни сфатил дека со своите постапки ќе го прекрши законот. „Јас не сум херој и никогаш немав намера да одам во затвор поради моите убедувања“, рече тој во изјавата објавена на мрежата Телеграм.
Според АФП, руските власти од февруари минатата година привеле неколку илјади луѓе поради протестите против воената операција во Украина.