Германскиот канцелар Олаф Шолц уште пред да почне војната во Украина му рекол на рускиот претседател Владимир Путин дека Киев би бил блокиран да влезе во НАТО цели 30 години. Со оваа реченица тој сакал да ја увери Москва во добрите намери на воениот блок, пишува РТ.
За време на викендот, германскиот лидер откри некои детали од неговите разговори со Путин. Тој додаде дека сега верува дека Русија цело време се обидувала да ја „освои својата соседна земја“.
– НАТО никогаш не бил закана за Русија – му рекол Шолц тогаш на Путин.
Канцеларот не прецизираше на кој разговор се однесува ова, иако Шолц се сретна со Путин во Москва во средината на февруари.
Украина и Белорусија не треба да бидат одвоени држави
Зборувајќи со новинарите викендов за време на „денот на отворени врати“ во неговата канцеларија, Шолц, исто така, негираше дека воената алијанса ги игнорирала руските безбедносни интереси.
Шолц, исто така, рече дека нема да го напушти дијалогот со Русија, но има поостар тон кога ги оценува мотивите на Москва. Тој особено го обвини Путин дека го започнал конфликтот од „целосно апсурдни“ причини.
– Ова е војна што Путин, Русија, ја започна, очигледно со намера да ја освои својата соседна земја – им рече тој на новинарите, додавајќи дека верува дека „тоа беше првичната цел“ што Москва ја имаше во својата воена кампања.
Канцеларот исто така потсети како Путин му „објаснил“ дека Украина и Белорусија не треба да бидат „одвоени држави“.
Путин сакаше со пенкало да црта по мапата на Европа
Тој, исто така, ја отфрли идејата за повлекување на какви било фиксни безбедносни линии во Европа.
– Путин всушност имаше идеја да помине со пенкало по европскиот пејзаж и потоа да каже: „Тоа е мое, а тоа е твое“ – рече Шолц, додавајќи дека „тоа не функционира така“.
Шолц, исто така, рече дека дијалогот треба да се искористи за да ѝ се спротивставиме на Москва. Попуштањето не е разумна стратегија, тврди тој, додавајќи дека „некој мора да биде јасен и да не дозволи да биде заплашуван“.
Канцеларот е „навреден џигер“
Германија ја осуди операцијата на Москва во Украина и ја изрази својата солидарност со Киев. Таа им се придружи на западните санкции против Русија и ги снабдуваше украинските сили со значителен обем на оружје, вклучувајќи преносни противтенковски ракети и самоодни хаубици.
Меѓутоа, дома, Шолц се соочи со критики поради тоа што наводно не направил доволно за да ѝ помогне на Украина од двете негови колеги членки на коалицијата, вклучително и министерката за надворешни работи Аналена Баербок, како и од поранешниот украински амбасадор во Берлин, Андреј Мелник, кој дури го нарече Шолц „навреден џигер “ поради неговото одбивање да го посети Киев во мај.