Судија на претходна постапка доцна пред полноќ одлучи да го прифати предлогот на Обвинителството и да определи мерка притвор за генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири, кој вчера си даде неотповиклива оставка од функцијата.
Тој со полициско возило беше спроведен во скопскиот истражен затвор.
„Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка притвор против едно лице за кое постојат основани сомненија за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, судија на претходна постапка по произнесување на надлежниот обвинител и осомничениот во присуство на неговиот бранител во однос на предлогот, а притоа ценејќи ги сите факти приложени во предлогот, донесе решени со кое го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1,2 и 3 од ЗКП. Како што и претходно информираше судот, судијата на претходна постапка по добивање на предлогот на Јавниот обвинител, во Законски утврдениот рок издаде наредба до надлежната ПС за спровод на осомничениот, но во текот на денот истиот самиот се пријави во судот да се произнесе во однос на предлогот“, се наведува во одлуката на кривичниот суд.
Обвинителството доставило предлог до Судот за притвор.