17-годишно момче загина во сообраќајната несреќа што се случи вчера кај Блаце при судар на автобус на ЈСП со број 81 и два автомобили. Потешко е повреден 13-годишниот брат на загинатиот возач, додека едно од возилата побегнало од местото на несреќата.
Како што соопшти МВР, вчера околу 09.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница на патот Шуто Оризари – Горно Оризари со сервисна улица која го поврзува патот со ул. Александар Урдаревски се случила сообраќајна несреќа помеѓу автобус на ЈСП, управуван од Г.М.(51) од Скопје, патничко возило форд галакси со скопски регистарски ознаки, управувано од 17 – годишник од с. Блаце, скопско и патничко возило фолксваген голф, по што возачот со возилото го напуштил местото.
„Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на возилото форд галакси и неговиот малолетен сопатник од Блаце, констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ – Скопје, каде што подоцна возачот починал“, информираат од МВР.
Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа на СВР Скопје.