Џилијан Андерсон се појави на 81. доделување на Златните глобуси во фустан кој ги привлече погледите на многумина. Американската актерка, која ја толкуваше британската премиерка Маргарет Тачер во хит серијата „Круната“, прошета на црвениот тепих во фустан од слонова коска, исшарана со неочекуван мотив.
Џилијан Андерсон прошета на црвениот тепих во фустан во боја на слонова коска ишаран со – вагини.
Фустанот е со класичен балски крој, има тесен горен дел без прерамки, додека долниот дел има богат волумен. Поради светлата боја, неочекуваниот мотив едвај се забележуваше. Имено, дизајнерката заслужна за оваа креација – Габриеле Херст, одлучила да извезе мотив на вагина во бела боја, па многумина на почетокот помислиле дека тоа е всушност цветен дезен.
Изработката на секој поединечен мотив траела повеќе од три часа, а 55-годишната Андерсон го искомбинирала фустанот со сребрена металик чанта од брендот „Аквазура“ и суптилен накит, ланче и обетки од брендот „Шопард“.
„Фустанот има вагини на себе“, објаснила ѕвездата на „Досиеја икс“ и „Сексуално образование“ за „Дедлајн Холивуд“.
Таа објаснила зошто го одбрала тој фустан.
„О, од многу причини. Тоа одговара на брендот“, рекла таа.
Во интервју за „Екстра“, Џилијан објаснила дека фустанот е соработка помеѓу Херст и нејзиниот „алтернативен велнес бренд“, G-Spot (Г-точка).
„Јонис (санскритскиот збор за матка), ги има многу на мојот фустан. Беа потребни три ипол часа за да се извезе една, а ги има многу. Везеле вкупно 150 часа“, рекла актерката.
„Бидејќи моето присуство на Инстаграм го истакнува јонисот откако „Сексуално образование“ пристигна на Нетфликс, и имајќи предвид дека ознаката на мојот бренд „Г-точка“ е „давање приоритет на задоволството“, сакав да го внесам овој елемент во дизајнот“, додала таа за британскиот „Вог“.
Џилијан се пофалила со фустанот и на Инстаграм.
.„Понекогаш ви треба само колбас кој оди со вашиот јонис фустан“, напишала таа во описот.
Ова не е првпат ѕвездата на серијата „Сексуално образование“ да ја изненади јавноста со својот моден избор и став. Инаку, таа е позната како активистка за правата на жените, па своевремено проговори и за носењето неудобни градници.
„Нема повеќе да носам градници, никогаш, никогаш, дури и градите да ми висат до папокот!“, рекла тогаш умирајќи од смеење на видеото објавено на социјалните мрежи. Нејзиното „збогум на градникот“, објаснила таа, бил најдобриот можен подарок што можела да си го дозволи за својот 53-ти роденден.
Андерсон повеќепати го изразуваше својот бунтовнички дух, по кој е позната уште од детството. Пред њујоршката промоција на нејзината втора книга „Ние: Манифест за жените од целиот свет“, таа објасни дека уште како тинејџерка сакала да им докаже на сите дека девојчињата се еднакви со момчињата, а за тоа се борела во текот на својата кариера. Таа во една прилика истакна дека, пред сè, мислела на хонорарите, бидејќи често се среќавала со фактот дека машките колеги се повеќе платени од неа.