Зошто Трамп е во судир со својата МАГА база поради заговор што сам го потхрануваше?

Lorita
By Lorita 7 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
U.S. President Donald Trump listens to remarks during a swearing-in ceremony for Administrator of the Centers for Medicare and Medicaid Services Mehmet Oz in the Oval Office in Washington, D.C., U.S., April 18, 2025. REUTERS/Nathan Howard
- Advertisement -
Ad image

Навредите на Доналд Трамп кон дел од неговите поддржувачи, нарекувајќи ги „слабаци“, се последниот обид да ја пренасочи јавната дебата од барањата за целосно објавување на досиејата поврзани со случајот Џефри Епштајн.

Неговото тврдење дека таквите барања се „глупави“ наликува на претходните стратегии за управување со кризи што Трамп ги применувал, но експертите предупредуваат дека овој пристап може да не допре до неговите најверни поддржувачи.

Зошто се гневни поддржувачите на МАГА?

Голем број поддржувачи на Трамп од движењето МАГА се бесни поради најавата на американското Министерство за правда дека нема да објави повеќе досиеја од истрагата за криминалите на Џефри Епштајн и за неговата смрт во затвор.

Министерството изјави дека Епштајн не одржувал „клиентска листа“ на луѓе на кои им биле продавани малолетни девојчиња – листа што е централна точка на неколку теории на заговор, поврзани со Епштајн, и, индиректно, со таканаречената „длабока држава“ која Трамп и неговите сојузници ветија дека ќе ја разобличат, се наведува во анализата на Аустралијан бродкастинг корпорејшн.

Многу гласни поддржувачи на Трамп, вклучувајќи ги конзервативните коментатори Алекс Џонс и Лора Лумер, отворено изразија недоверба кон ставот на администрацијата дека таква листа не постои. Тие укажуваат на претходни изјави на поранешната државна обвинителка Пам Бонди, која тврдела дека ја има листата на нејзиното биро, како и на првата „фаза“ од декласифицираните досиеја, што навестуваше дека ќе има уште.

Каде стои Трамп?

Не е сосема јасно каде стои Трамп. Иако во кампањата вети дека ќе ги објави сите документи од истрагата, сега изгледа дека го поддржува одбивањето на неговата администрација да ги објави.

Во последните 2 недели, Трамп се колебаше – напаѓаше поддржувачи што се интересираат за темата, ја нарекуваше „измама“, а потоа тврдеше дека Пам Бонди треба да објави што смета дека е веродостојно.

Но, ниедна од стратегиите не ги убеди поддржувачите од базата на МАГА да се откажат.

- Advertisement -
Ad image

Во сабота, на платформата Трут сошал, Трамп тврдеше дека досиејата ги измислила Демократската партија за да го нападне него, но постот доби повеќе коментари од допаѓања, дури околу 4.700 повеќе, што е јасен знак на негодување од неговата база.

– Не разбирам зошто е толкав интересот – рече Трамп во вторникот пред новинарите.

На прашањето дали Пам Бонди му кажала дали неговото име се појавува во досиејата, Трамп одговори со „не“. Тој повтори дека документите имаат проблем со веродостојноста и тврдеше дека се измислени од поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, и од поранешните претседатели Барак Обама и Џо Бајден.

- Advertisement -
Ad image

– Но таа (Бонди) добро се справува, и нека објави што смета дека е веродостојно – додаде тој.

Кога стана јасно дека наративот за „измама“ не успева, Трамп се сврте кон навреди.

„Сите тие луѓе сакаат да зборуваат само за измамата наречена Џефри Епштајн. Нека продолжат тие слабаци и нека ја вршат работата на демократите… бидејќи јас не ја сакам нивната поддршка повеќе!“, напиша во пост на Трут сошал во среда.

Потоа, Трамп пред новинари изјавил дека оние што бараат објавување на досиејата се „некои глупави републиканци“ што „си го трошат времето“.

Дали Трамп ризикува да изгуби дел од најверните поддржувачи?

Оваа политичка криза се покажа како особено тешка за Трамп, поради врската со теории на заговор.

Според професорот Расел Мирхед од Дартмут, вредноста на ваквите теории е што ѝ даваат моќ на политиката – нешто што Трамп умешно го користел. Но сега, вели тој, мора да излезе со вистината и со транспарентност или ризикува да изгуби дел од најверните поддржувачи.

Хари Мелконијан од Центарот за студии на САД при Универзитетот во Сиднеј рекол дека „Трамп сега жнее што посеал.“

– Тој сам го разгоре целото ова околу Епштајн, велејќи дека ќе биде транспарентен и дека ќе објави сè. А сега, кога е на власт, вели „нема што да се објави“, а неговата обвинителка истото го повторува – дека нема листа – вели Мелконијан.

На самитот на конзервативни студенти во петокот, десничарскиот поткастер Стив Бенон процени дека Трамп може да загуби 10% од базата на МАГА ако не ја објави ветената листа на клиенти.

Анкетите покажуваат дека ударот може да биде и поголем.

Истражување на Универзитетот Квинипјак со 1.290 регистрирани гласачи покажа дека 35% од републиканците не одобруваат како Трамп го води случајот.

Слично, анкета на YouGov-Economist со 1.680 испитаници покажува дека 79% од Американците сакаат сите документи да бидат објавени.

– Може да биде многу штетно, бидејќи тие хардкор МАГА поддржувачи му останаа лојални во добро и во зло. Многу е опасно за политичар да ја отуѓи токму таа најлојална база – вели Мелконијан.

Ако Трамп е транспарентен, пак може да има проблем

Но, експертите предупредуваат дека повеќе транспарентност може да биде „отровна чаша“ за претседателот.

– Кај некои од тие што веруваат во теории на заговор, ниедно контрадикторно објаснување нема да им биде доволно – вели Џозефин Лукито од Универзитетот на Тексас во Остин, која ги проучува теоретичарите на заговори.

Мелконијан се согласува: администрацијата на Трамп се наоѓа во „тешка безизлезна ситуација“.

– Ги убедија луѓето дека нешто кријат. Што и да направат, ќе ја налутат таа група.
Откако ќе поверуваат во тоа, колку повеќе го негираш, толку повеќе веруваат дека е вистина – вели Мелконијан.

Политичкиот научник Мет Далек од Универзитетот Џорџ Вашингтон додава:

– Грешната претпоставка на Трамп и другите е дека можат да шират теории на заговор без последици. Случајот Епштајн е совршен пример дека шишето не може лесно да се затвори откако духот ќе излезе.

Share This Article