Иран се обидува да изгради врски со новите сириските лидери бидејќи регионалното влијание на земјата опаѓа по падот на Башар ал Асад, шти ги зголемува домашните и меѓународните кризи со кои се соочуваат иранските лидери, објави британски Гардијан.
Иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан, веќе се соочува со повеќе домашни и меѓународни кризи, вклучително и со прекин на струја поради недостиг на нафта, континуирани тензии околу неговата нуклеарна програма и со спор за новиот закон со кој носењето хиџаб ќе биде задолжително за жените. Но, ненадејното губење на влијанието во Сирија, по падот на Асад, најмногу ги загрижува иранските власти.
„Асад? Наш пријател? Не!“
На краток рок Иран сака да задржи некое влијание врз бунтовниците во Дамаск. Иранските дипломати инсистираат дека не биле венчани со Асад и дека биле разочарани од неговото одбивање да направи компромис.
– Одамна дојдовме до заклучок дека продолжувањето на владеењето во Сирија ќе се соочи со суштински предизвик. Од владините функционери се очекуваше да покажат флексибилност кон дозволувањето на опозицијата да учествува во власта, но тоа не се случи – изјави министерот за надворешни работи, Абас Арагчи.
Тој додаде дека Техеран секогаш имал директни контакти со делегацијата на сириската опозиција.
– Од 2011 година, ние ѝ сугериравме на Сирија за потребата да започне политички разговори со оние опозициски групи кои не беа поврзани со тероризмот – потенцира Арагчи.
„Ние само еднаш сме влегле во Сирија како советници“
Во исто време, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи инсистираше дека Иран влегол во Сирија само во 2012 година, на барање на Асад да помогне во поразот на Исламска држава.
– Нашето присуство беше советодавно и никогаш не бевме во Сирија за да браниме одредена група или поединец. Ни беше важно да помогнеме да се зачуваат територијалниот интегритет и стабилноста на Сирија – изјави тој.
Ваквите објаснувања не го убедија Дамаск. Иран останува една од ретките земји што го критикува Ахмед ал Шара, лидерот на Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС).
Турција нека се радува додека може
Многу ирански функционери тврдат дека сегашната победа, во која ужива Турција во Сирија, може да биде кратка бидејќи интересите на Анкара ќе почнат да се разликуваат од оние на владата, предводена од ХТС, група која потекнува од Ал Каеда и е означена како терористичка група од Турција.
– Мораме да го следиме сириското прашање со надеж и да знаеме дека оваа ситуација нема да продолжи бидејќи сегашните владетели на Сирија нема да останат обединети едни со други – потенцираше големиот ајатолах, Насер Макарем Ширази.
Конзервативниот весник „Јаван“ предвиде дека „сегашниот период на меден месец во Сирија ќе заврши поради различноста на групите, салафизмот, економските проблеми, недостатокот на безбедност и поради различноста на актерите“.
Официјално, Иран ги обвинува САД и Израел за колапсот на Асад, но незадоволството од улогата на Анкара е големо, иронично повтврдувајќи го тврдењето на Доналд Трамп дека Сирија е жртва на непријателско преземање од Турција.
Во својот говор, одговарајќи на падот на Асад, врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, рече дека соседната држава Сирија одигра јасна улога во обликувањето на настаните и „продолжува да го прави тоа сега“.
Новинската агенција Фарс објави постер на кој е прикажан лидерот на ХТС во лигата со Реџеп Тајип Ердоган, Бенјамин Нетанјаху и со Џо Бајден, се вели во статијата на Гардијан.
Иранскиот стратешки совет за надворешни односи се сомневаше дали ХТС ќе остане долго сојузник со Турција.
„Иако Турција е само еден од главните победници на падот на Башар ал-Асад од власт на краток рок, Анкара никогаш не може да донесе влада усогласена со неа на власт во Сирија. Дури и ако Тахрир ал-Шам се обиде да формира стабилна влада во Сирија, што е невозможно, на среден рок, тоа ќе стане голема закана за Турција, која дели 830 километри граница со Сирија“, потенцира Советот.
Сирија може да стане зависна од Турција
Поранешниот ирански претседател, Хасан Рохани, предвиде мрачна иднина за Сирија и Турција.
– Во последните недели, целата воена моќ на Сирија беше уништена од Израел и за жал, милитантите и Турција не му одговорија соодветно на Израел. Ќе бидат потребни години за да се обнови сириската армија и вооружените сили – рече тој.
Поранешниот ирански амбасадор во Обединетото Кралство, Мохсен Бахарванд, посочи дека владата во Дамаск може да стане премногу зависна од Турција.
– Доколку централната влада на Сирија се обиде да ги зацврсти своите авторитети и суверенитет преку воена интервенција и со помош од странски земји – вклучително и од Турција – Сирија, или клучни делови од неа, ќе бидат окупирани од Турција, а Турција ќе влезе во мочуриште од кое ќе направи големи човечки и економски трошоци – изјави Бахарванд.
Тој предвиде тензии меѓу Турција и ХТС особено за справувањето со барањето на сириските Курди во североисточна Сирија за форма на автономија. Сириската национална армија, финансирана од Турција, наводно е подготвена да изврши офанзива против курдските сириски демократски сили во Кобане, сириски град со мнозинско курдско население на северната граница со Турција.
Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, во средата рече дека ако прашањето се реши „правилно“, Анкара нема да бара воена интервенција.
– Сега има нова администрација во Дамаск. Мислам дека ова е првенствено нивна грижа сега – рече Фидан.
Пошироко, сириската нова насока го принудува Иран да го забрза преиспитувањето на својата надворешна политика. Фокусот е на тоа дали слабеењето на таканаречената оска на отпор – која ги опфаќа сојузничките групи во регионот – бара Иран да стане држава со нуклеарно оружје или, наместо тоа, Иран треба да се зајакне со градење подобри односи во регионот. Со години, иранските владетели велат дека „одбраната на Иран мора да започне надвор од неговите граници“.