Повеќе луѓе во светот умреле од Ковид-19 за време на викендите отколку во работните денови, покажаа резултатите од новата студија за светските стапки на смртност.
Истражувачите ја прифатија можноста една од причините за таквата состојба да биде доцнењето во пријавувањето на смртните случаи, но исто така рекоа дека недостатокот на медицински персонал за време на викендот, недостатокот на капацитет и искуство, исто така, може да игра улога.
Просечниот број на смртни случаи од коронавирус во светот за време на пандемијата беше за шест проценти поголем на крајот на неделата во споредба со работните денови: 8.532 наспроти 8.083, велат истражувачите.
Експерти од Универзитетот во Торонто во Канада ги анализираа сите смртни случаи од базата на податоци на Светската здравствена организација снимени помеѓу 7 март 2020 година и 7 март 2022 година.
Резултатите од студијата што ќе биде претставена на овогодинешниот Европски конгрес за клиничка микробиологија и заразни болести во Португалија кон крајот на овој месец, покажуваат дека во САД во просек имало 1.483 смртни случаи за време на викендите и 1.220 во текот на работната недела, што е за 22 отсто повеќе.
Бразил имаше во просек 1.061 смртни случаи за време на викендите и 823 во работните денови, што е за 29 отсто повеќе, додека Обединетото Кралство забележа просечни 239 смртни случаи на крајот на неделата, со 215 во работните денови.
Понатамошното истражување, кое го разгледа просечниот број на смртни случаи од ефектите на Ковид-19 во текот на поединечните денови во неделата, покажа дека зголемувањето е особено големо кога се споредуваат податоците од петок и понеделник: 9086 до 7219 и недела и понеделник: 8850 до 7219 починати.
Еден од истражувачите, д-р Физа Манзур, рече дека доцните смртни случаи не ги објаснуваат целосно разликите меѓу различни земји, како што е Германија, каде што помалку смртни случаи се регистрирани за време на викендите (137) отколку во работните денови (187).
„Бирократските одложувања на крајот на неделата не ја објаснуваат целосно причината зошто во понеделник се регистрирани помалку смртни случаи од ковид-19 во споредба со петокот, а само доцните извештаи не можат да објаснат зошто стапката на смртност е толку висока во САД, а не во Германија. “, рече Манзур.
„Напротив, „ефектот на викендот“ веројатно се случи поради недостаток на медицински персонал, капацитет и искуство. Нашите резултати покажуваат дека овој проблем не се решава и покрај подобрата ефикасност и свесност на здравствениот систем за време на пандемијата“, додаде Манзур.
„Здравствените системи би можеле дополнително да ја подобрат клиничката грижа секој ден во неделата“, додаде Манзур.
Истражувачите признаваат дека заклучоците од прегледаната студија би можеле да бидат ограничени со лажно-негативни резултати, занемарени случаи и грешки во внесувањето податоци, и дека достапните податоци не ја земаат предвид тежината на болеста или го истражуваат влијанието на локалните политики и интервенциите во јавното здравје.