Здружението Анима мунди бара итна реакција од МВР во врска со борбите со кучиња што се документирани деновиве во околината на Охрид.
Како што беше објавено на профилот Лајка на Фејсбук, на излезот од Охрид кон Струга, на јавна површина направен е ринг за борби на кучиња.
„Ликови, добро познати и на полицијата, си организираат борби и мува не ги лази (заради наша безбедност моравме да ги цензурираме лицата). Со пехари, со присуство на лица од други градови и држави (претходно во кампот Андон Дуков се организираа, и ширум други струшки и тетовски села), со цела организираност која е апла воочлива и за полицијата која со години никого не санкционирала (од наши извори дознавме дека еднаш и била набркана кога по пријава отишле на сред една ваква борба полна крвопролевање на недолжни битија).
Што дека низа законски одредби се прекршуваат (види во прилог слики од Законот за заштита и благосостојба на животните), некои имаат ‘привилегија’ да се ставаат над законите, и притоа иако закон прекршуваат да се закануваат на оние што закони почитуваат и важат за чесни и совесни граѓани. Свесни поради ризикот по нашата безбедност не се осмелуваме да пријавиме во полиција, каде несомнено ги има и лица блиски на овие ликови.
Локацијата е добро позната и на полицијата, која ако е доследна на заклетвата која ја дала и на она што нејзина должност е, би проделувала на основ и на оваа објава и доказен материјал (да, и сликите се доказ, за оној што на правината и доброста сакаат да им служат), на ова очигледно прекршување на законите и дивеење ширум државава. Не може и не смее за некого законите да важат (и за најмали ситници), а за некои да не важат (и за вакви големи зла)“, се наведува во објавата на Лајка.
На ова со реакција се надоврза Анима мунди.
„Еден од најмонструозните форми на измачување, страдање и болка на кучиња и кај нас добро познат бизнис се организираните борби со нив каде што се користат овие животни кои во поголем дел од случаите завршуваат фатално, убивајќи се меѓусебно. Низ годините сме сведоци како ваквиот калибар злосторници јавно по социјалните мрежи објавува видео записи и фотографии од борби, отворено и како да не се прекршуваат низа закони објавува настани од ваков тип со точна локација и датум. Сведоци сме биле и на крадење на кучиња од одредени раси од нивните домови, јавни продажби на кучиња каде што е напоменето дека се за борби, итн. Секоја наша, секоја пријава на граѓаните за ваков тип на кривично дело никогаш не вродила со резултат, никогаш никој не бил фатен, никогаш никој не бил казнет“, се наведува во реакцијата на Анима мунди.
„Како недопирливи за Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за храна и ветеринарство, овие криминалци се сликаат со своето кривично дело. Има ли капитен овој брод? Има ли оваа држава закони и институции што треба да ги имплементираат? Планира ли Министерството за внатрешни работи да преземе соодветни дејствија за овој црн бизнис со кој во одредени населени места секоја втора куќа се бави а илјадници кучиња страдаат годишно? Се плашите ли? Бараме од вас веднаш да постапите и да преземете сѐ што е во ваша надлежност за овој и за сите слични вакви случаи на мачење, малтретирање и убивање животни! Вакво грозоморие, ваква монструозност не може и не смее да се занемари и секое занемарување на очигледното кривично дело само ја покажува вашата неспособност во очите на јавноста“, се додава во рекацијата на Анима мунди.