Европа мора да се консолидира и да воспостави нов тип на издржливост и на тој начин да одговори на предизвиците што ги донесе изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, а тоа вклучува и побрза интеграција на земјите од Западен Балкан, изјави хрватскиот европратеник Тонино Пицула.
Тој за сараевскиот весник „Дневен аваз“ истакна дека Европска Унија мора да ги зајакне своите капацитети и соработка во одбранбената и воена индустрија поради кризните жаришта – Украина и Блискиот Исток.
Пицула потсети дека ЕУ извесен период „многу дискретно“ подготвува можни одговори ако Трамп воведе царини од 25% до 30% за европската стока. Во исто време, еврото би можело да ослаби за околу 10% во однос на доларот.
– Веќе се договараат некои контрамерки, дали ќе се применат, тешко е да се каже, но ЕУ би морала да изгради некаква отпорност заради себе – посочи Пицула.
Според него, овие предизвици, заедно со потребата од консолидација на самата ЕУ, може да ја забрзаат европската интеграција на балканските земји.
– Јас сум еврореалист и би бил задоволен доколку до крајот на мандатот на Европската комисија се завршат еден или повеќе пристапни преговори, а на дневен ред останува само ратификацијата. Ако некоја земја влезе во ЕУ, тоа ќе биде голем успех – изјави Пицула, кој е и известувач на Европскиот парламент за односи со Србија.
Претходно, францускиот претседател Емануел Макрон упати драматичен апел до европските лидери, еден ден по победата на САД, дека „Европа не може засекогаш да ја делегира својата безбедност на САД“.
Тој додаде дека Европа мора да ја преземе контролата врз сопствената историја во, според него, одлучувачки момент за континентот.
– Дали сакаме да читаме историја напишана од другите, војни започнати од Владимир Путин, избори во САД, кинески технолошки или трговски потези… или сакаме да ја напишеме нашата сопствена историја? Мислам дека имаме сила да ја напишеме сопствената историја – рече Макрон на самитот на Европската политичка заедница.
Европската Унија се спрема и за евентуална трговска војна со САД по најавите на Трамп дека ќе воведе тарифи за германските автомобили кои се увезуваат на американско тло.