Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) бара од Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и ефикасна истрага за денешниот напад кон нашите колеги од ТВ Алсат, Скопје.
„Денеска за време на снимањето инсерти за промо на емисија во Скопската чаршија на јавна површина, нападнати се снимател и новинарките Ера Ѓакова и Сара Хоџа од страна на сопственик на берберница во скопската чаршија. Според изјавите на нашите колеги, додека снимале инсерти во чаршијата за потребите на емисијата од еден од дуќаните излегол сопственикот, бербер со ножици и им се обратил со вербални навреди и закани по живот, при што на снимателот му нанел видливи повреди на главата“, се наведува во соопштението.
При физичкиот напад била оштетена и опремата на снимателот. ЗНМ веднаш контактирало со новинарката од Алсат, Ера Ѓакова која видно вознемирена им го потврдила инцидентот и дала конкретни информации дека: Екипата со која снимале на терен била нападната без причина од страна на непознато лице, ситуацијата била непредвидлива и многу вознемирувачка, особено за нападнатиот снимател а и за колешката Сара Хоџа на која ова не и е прв пат да биде нападната, „лицето по нападот се врати во дуќанот а потоа повторно илезе, но кога виде дека веќе се собраа минувачи да помогнат а и дека е повикана полициска екипа се упати во непознат правец “.
ЗНМ бара од Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на напаѓачот.
„Потенцираме дека заканите по живот се кривични дела предвидени во Кривичниот законик а МВР и ОЈО, треба итно да ги истражат и процесираат со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот но и да превенираат евентуални вакви кривични дела во иднина“, соопшти ЗНМ.