Од ноќеска на полноќ се намалува цената на дизелот за три денари, на бензините за два, а на екстра лесното масло за домаќинство за три денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси.
– Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,77 отсто во однос на одлуката од 14 ноември годинава. Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,887 отсто, кај дизелот за 2,869 отсто, кај екстра лесното за 2,857 отсто и кај мазутот намалувањето е за 2,291 отсто – информираат денеска од РКЕ.
Како што додаваат оттаму, курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 1,485 отсто.
Согласно одлуката на РКЕ малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 3,00 ден/лит, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 2,00 ден/лит, малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 3,00 ден/лит., а малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,567 ден/кг и сега ќе изнесува 47,622 ден/кг.
Од 17.11.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 91,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 94,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 93,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 88,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 47,622 (денари/килограм)
Од РКЕ Напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 17.11.2022 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.