Заменик министерката за европски прашања, доц.д-р Викторија Трајков, присуствуваше на конференција, на тема “Дијалог на граѓанското општество меѓу Македонија и Бугарија, eкономски развој – трговија и инвестиции”.
На настанот, заменик министерката Трајков ја истакна важноста на економската соработка како клучен двигател за стабилност, просперитет и пријателство меѓу народите на Македонија и Бугарија. Таа нагласи дека економските односи не се само прашање на трговски бројки и инвестиции, туку и основа за зајакнување на довербата и блискоста меѓу двете земји.
„Наша цел е да ги продлабочиме економските односи преку конкретни иницијативи, како што се зајакнување на прекуграничната соработка, поддршка на малите и средни претпријатија и создавање услови за нови инвестиции. Овој настан е само почеток на уште поинтензивна и плодна соработка“, изјави Трајков.
Доц.д-р Трајков ја истакна и важноста на европските вредности и стратешката насока за заеднички напори во правец на европската интеграција на Македонија и продлабочување на партнерството со Бугарија.
Се очекува резултатите од овој настан да придонесат за понатамошен економски и социјален напредок на двете земји и создавање нови можности за сите граѓани.