Поради зимската бура која зафати одредени области на САД, во некои делови од земјата температурите би можеле да паднат и до минус 45 степени, објави Би-би-си.Како последица на снежните виулици во средата, деловните субјекти и училиштата беа затворени во Дакота, Минесота и Висконсин, а откажани се речиси пет илјади летови.
Се предвидува дека налетите на ветерот би можеле да достигнат брзина од 80 километри на час и дека во некои делови на САД, зафатени од екстремно студен фронт, температурите би можеле да паднат до минус 45 степени Целзиусови.
Гувернерот на Минесота, Тим Волц, рече дека Националната гарда ќе биде присутна да им помогне на возачите заглавени во снежната бура, бидејќи синоптичарите прогнозираат до еден метар снег за некои делови од северните држави, што би можело да биде најобилните снежни врнежи во последните 30 години.
Интересно е што во исто време одредени делови од источниот дел на САД ќе забележат екстремно високи температури, па температурите во Орландо, Флорида би можеле да достигнат до 32 Целзиусови степени, а во Луизијана, Њу Орлеанс до 29 степени.