More

    Жестока преписка меѓу Министерството за правда и Јавното обвинителство

    spot_img

    Се скараа Јавното обвинителство и Министерството за правда. Причината се забелешките за Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства. Обвинителството смета дека Министерството ги објавило јавно, без да ги достави до нив.

    До Владата беше поднесен Извештај за работата на Јавните обвинителства за 2022 година, подготвен од Јавното обвинителство. За овој извештај Министерството за правда утврди низа забелешки за кои испрати мислење.

    Една од забелешките на Министерството за правда во однос на Извештајот за работата на Јавните обвинителства е дека не постојат податоци за користењето на опремата за визуелно-тонско снимање на истражните дејствија т.е. снимање на испитувањето на обвинетите и сведоците, иако Законот за кривичната постапка ја уредува оваа можност, со цел поголема заштита на човековите права и обезбедување поголем степен на правна сигурност.

    Воедно, спротивно на горе наведеното Извештајот за работата на јавните обвинителства на Република Северна Македонија не содржи податоци за покренати дисциплински постапки ниту пак, за изречени дисциплински мерки. Со тоа, иако од повеќе меѓународни институции е нотирано дека јавните обвинители не ги почитуваат роковите за истражни постапки, во практиката не се констатирани дисциплински повреди за истото, забележува МО.

    Министерството за правда истакнува дека во доставениот Извештај не се наведени статистички податоци за времетраењето на истражните постапки. Во член 301 ставот 1 од Законот за кривичната постапка е уредено дека јавниот обвинител ја завршува истражната постапка кога ќе оцени дека состојбата на работите е доволно разјаснета за да може да подигне обвинение или да ја запре истражната постапка. Согласно ставот 2 од истиот член, ако истражната постапка не се заврши во рок од шест месеци од денот на донесување на наредба за спроведување на истражна постапка, јавниот обвинител е должен за тоа да го извести вишиот јавен обвинител, кој во сложени предмети може овој рок да го продолжи за уште шест месеци. По исклучок, овој рок може да се продолжи уште за три месеци од страна на јавниот обвинител на Република Северна Македонија.

    За кривични дела од областа на организираниот криминал рокот од ставот (2) на овој член може да биде продолжен за уште шест месеци од страна на јавниот обвинител на Република Македонија. Податоците за времетраењето на истражните постапки се од круцијално значење, со оглед на фактот дека во праксата овие рокови јавните обвинители ги сметаат како инструктивни рокови кои не се почитуваат, а истрагите се одовлекуваат. За долгото времетраење и за неажурноста на истрагите е констатирано и во Извештајот на Стејт Департментот на САД за човекови права за 2021 година каде што се наведува дека во постапките пред Јавното обвинителство истрагите траеле долго и засегнатите страни не биле информирани за статусот на предметите (стр.11).

    Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска се огласи со соопштение во кое, како што вели, има обврска јавно да појасни дека некои од тврдењата на Министерството за правда.

    Според ЈО не е точно дека во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства во 2022 година нема податоци за траењето и ефикасноста на истражните постапки. Во извештајот е наведено дека основните јавни обвинителства во 2022 година донеле наредби за спроведување истражна постапка против 1.398 лица што е за 91 лицe повеќе во однос на претходната година. Во 2022 година, обвинителствата постапувале и во истраги поведени против 768 лица од претходната година, така што вкупно во работа имале истраги против 2.166 лица. Во однос на ажурноста на истражните постапки, во 2022 година завршени се истрагите против 1.433 лица или 66,1% од вкупниот број истраги во работа. Бројот на завршени е поголем од бројот на новоотворени истражни постапки во текот на годината, што укажува на намалување на бројот на отворени постапки во обвинителствата. Во 1.087 предмети истрагите завршиле со поднесено обвинение. Министерството за правда во делот на траењето на истражните постапки го цитира Извештајот на американскиот Стејт департмент за состојбата со човековите права за 2021 година во кој навистина се нотираше долготрајност на истражните постапки, поради што и Јавниот обвинител на РСМ веднаш по неговата објава организираше средби со сите јавни обвинители и со меѓународни претставници за анализа на причините за констатираните состојби. Врз основа на утврденото и дадените образложенија, американскиот Стејт департмент објави извештај и за 2022 година во кој оценките се поинаку формулирани во овој дел, односно се наведува дека роковите за водење на истраги предвидени во ЗКП се инструктивни, а не задолжителни и дека во пракса се случува понекогаш тие да се надминат за што како причини се наведуваат недоволни ресурси и сложеност на соодветните предмети.

    И покрај ова, во коментар за Годишен извештај за работата на обвинителствата за 2022 година Министерството за правда наведува Извештај на Стејт департментот за 2021 година, иако веќе е објавен извештајот за 2022, а се подготвува и извештајот за 2023 година во чие сумирање на податоците активно учествува и Јавното обвинителство. Својата загриженост за ефикасноста на постапките, министерот за правда би било добро да ја демонстрира со соодветни квалитетни предлози за законски решенија за надминување на состојбите со долготрајност на вештачењата, што е една од најчестите причини за траењето и на предистражните и на истражните постапки.

    Во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2022 година нема посебен извештај за користење на опремата за тонско и аудио визуелно снимање на искази, бидејќи ваквото снимање согласно член 207 од ЗКП претставува само можност во одредени законски предвидени ситуации, но не и задолжителна обврска. Ваква опрема е инсталирана во сите обвинителства со проширена надлежност во државава, но нејзиното користење е ограничено, бидејќи за тоа нема ниту кадровски ниту материјални услови, а за сите информатички и технички системи во обвинителствата низ државата се грижат само шест информатичари. Од тие причини, тонско и аудио визуелно снимање се користи исклучително во специфични случаи или случаи каде жртви или сведоци се деца, со цел да се избегне двојна виктимизација и исказот да се користи во судска постапка. Впрочем, законитоста на доказите и почитувањето на човековите права при нивното обезбедување го цени судот. Јавното обвинителство до овој момент не добило никаква забелешка од релевантни судски органи или меѓународни институции во поглед на употребата на овој систем.

    Конечно, Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства не содржи и не може да содржи податоци за дисциплинските постапки против јавни обвинители. Дисциплинската постапка ја води дисциплинска комисија, која е целосно независна во постапувањето и чија активност не може и не смее да биде дел од извештај за работа на јавните обвинителства. На донесените одлуки и мерки од Дисциплинската комисија јавните обвинители имаат право на второстепена постапка пред Советот на јавните обвинители кој е посебен орган и чии одлуки исто така не можат да бидат опфатени со предметниот извештај. Доколку Министерството за правда има потреба да добие извештај за работата на Дисциплинската комисија, податоците за донесени одлуки се јавни и доставени до повеќе медиуми и надлежни органи кои покажале интерес за ова прашање. Имено, од почетокот на примената на новиот Правилник за начинот на спроведување на постапката за утврдување одговорност на јавен обвинител за сторена дисциплинска повреда, донесен на 18.05.2021 година, поведени се дисциплински постапки против 12 јавни обвинители. Во пет од овие случаи Дисциплинската комисија донела Решение за утврдена дисциплинска повреда и ја изрекла најтешката дисциплинска мерка – предлог за разрешување од функцијата. На пет обвинители им е изречена соодветна парична казна, а само за еден обвинител Комисијата донесе одлука дека не сторил дисциплинска повреда. Дисциплинската комисија на Јавното обвинителство е пред донесување одлука во постапката за уште еден јавен обвинител. Во еден случај, иницирана е и кривична постапка и поднесено обвинение против поранешен јавен обвинител од основно јавно обвинителство за продолжено кривично дело – Несовесно работење во службата. Пред Советот на јавните обвинители, пак, во тек е жалбената постапка на уште тројца јавни обвинители за кои дисциплинските мерки беа изречени во дисциплинска постапка спроведена според стариот Закон за јавно обвинителство и претходно важечкиот Правилник (за настаните од 27 април).

    За сите забелешки кон извештајот за работа на јавните обвинителства, објавен и доставен до сите надлежни институции, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија е подготвен да одговори согласно законски предвидените процедури“ – се вели во објавеното соопштение на ЈО.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img