Свирепото убиство во Градачац и изживувањето на насилникот врз невенчаната сопруга Низама Хаќимовиќ, покрена реакција на жени, што се во слична ситуација како нејзината, да побараат помош.
Во Фејсбук групата „Правни искуства…правни проблеми“, анонимна жена од Македонија бара совет како да избега со децата од сопругот насилник кој веќе имал кривична пријава. „Видовте што стана со Низама…“ пишува жената која вели дека се плаши дека ќе биде убиена од сопругот ако поднесе барање за развод. Таа бара начин како да побегне со децата кои според нејзиното сведоштво, сопругот намерно ги остава без пасош.
„Дали може со деца кои немаат пасоши да избегам од насилникот кој веќе има кривична?. Инаку не сака да се потпише за пасоши – иако ништо, живеам како мравка во последно време, само да нема стрес пред децата…Но, знае дека животот ми е лош и затоа децата да останеле без пасоши. Не му е гајле ни на море што немаат отидено, ни ништо, ете такви луѓе се нарекуваат татковци.Во брак сме се уште и страв ми е да поднесам за развод бидејќи никој не те заштитува вистински. ВИДОВТЕ ШТО СТАНА СО НИЗАМА После сите години знам како реагира на се’ и затоа единствен излез ми е вака- барање за развод ќе ме доведе до загрозување на животот. Имам слушнато дека ако покажиш на граница документ дека си жртва на насилство(кривичната пресуда) – некои земји пуштаат и без пасош. Дали има некој од искуство да каже. Ако се бега на нелегален начин исто – нека ми помогне да ми каже на која граница и кај во смена. Не губете време да ми предлагате да се разведам ве молам. Секој си знае како му е, сакам да живеам, а не да бидам убиена заради поднесена тужба за развод. Знам дека ЦСР потпишува за пасоши за деца, но мислам дека мора да бидеме разведени , а јас тоа не можам да го сторам бидејќи стравувам за животот, а оружје немам и не знам да пукам“ – пишува во објавата на Фејсбук групата.