Поради зголемениот обем на производство, очекуваме оваа година компаниите да искористат 20 проценти повеќе гас, а економската активност за првите пет месеци и покрај кризата и ризиците расте со стабилно темпо, изјави директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски.
Тој на денешната средба со новинарите посветена на новиот развоен концепт на ТИРЗ, со кој Технолошко индустриската зона во Гевгелија ќе стане првата „зелена“ инвестициска зона во земјава, а која ќе се фокусира на поддршка на зелените индустрии и ќе функционира како Јавно приватно партнерство, појасни дека за првите пет месеци економијата во рамки на зоните покажува сериозни и добри резултати и покрај ризиците од последиците од руско-украинската војна и ризиците поврзани со движењата на цените на енергетските пазари.
-Споредено со минатата година цената на гасот е веќе качена четири ипол пати, и се надевам нема да расте понатаму. Компаниите имаат регистирано зголемена добивка минатата година за 20 поценти што значи дека имаат резерви внатрешни за справување со сите тие притисоци – рече Деспотовски
Појасни дека доколку ситуацијата со кризата ескалира ќе се разгледааат сите можности кои стојат на располагање, но дека во моментот нема никаков сериозен индикатор односно аларм дека треба да да се презема нешто.
-Направивме мала споредба на цените кои компаниите во рамки на зоните ги плаќаат за природниот гас особено зоната во Скопје. Цените во однос на минатите години се зголемени за четири ипол пати. Во првите пет месеци од оваа година имаме вкупно ниво на извоз од над милијарда и четиристотини милиони евра што е скоро осум проценти повеќе од истиот период лани – изјави Деспотовски.
Додаде дека автомобилскиот сектор бележи раст од осум проценти во однос на истиот период минатата година и дека одлучно се справуваат со предизвиците од кризата.
-Очигледно е дека цената на енергенсите е значително покачена, но мислам дека успешно се справуваат. Мината година имаа поддршка за да ги пребродат последиците од пандемијата, оваа година и минатата редовно ги исполнуваме обврските на државата кон компаниите, редовно ќе си ги подмируваме нашите обврски, и мислам дека засаега ова е доволно. Мислам дека имаат капацитет, секако и со наша поддршка, да се справат со предизвиците – истакна Деспотвоски.
Информира дека разликата меѓу увозот и извозот е стабилна и изнесува 10 проценти, како и дека од почетокот на оваа година заклучно со крајот на минатиот месец во рамки на дирекцијата за ТИРЗ постигнати се договори од над 170 милиони евра за нови инвестиции
-Станува збор за две компании кои веќе се клиенти во рамки на зоните и ги прошируваат капацитетите, меѓутоа имаме и две компании кои се целосно нови клиенти и дополнително две компании кои доставија свои деловни планови со кои постигнавме договор, а кои што имаат свои активности надвор од зоните, но сакаат дел од своето производство и проширување да го реализираат во рамки на технолошко-индустриските развојни зони – потенцира директорот на ТИРЗ.
Како што кажа тој во рамки на тие деловни планови се предвидени инвестиции од 170 милиони евра, над 4 илјади нови работни места, а се очекува бројката до крајот на годината да биде многу повисока.
Тој информираше дека се во завршна фаза на изработка на физибилити студија за фотоволтаични централи во рамки на зоните и дека се планира капацитетот да биде од 45 до 50 мегавати.