За предметот „ТНТ“ има 36 пресуди од од сите судови во државата, со кои е утврдено дека решението за рушење објектот „Космос“ на Фиат Цаноски е законско и дека Цаноски нема право на надомест. Дури постои и Решение на Уставниот суд од 21.12.2011 година дека не постои дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност.
Ова денеска го изјави Миле Јанакиески, поранешен министер во владата на Никола Груевски, на јавната седница на Апелациониот суд во Скопје, придружувајќи се кон жалбите изнесени од неговите бранители.
Јанакиески истакна дека обвинителниот акт бил поднесен во исто време кога Основниот суд веќе имал прифатено обвинителен акт против правното лице „Фине“ и Фијат Цановски дека се гради нелегално.
– Тоа ни стана јасно после избивање на аферата „Рекет“. Имено, Ардијан Амзоски, зетот на Цаноски, согласно со доказите во тој предмет, му искеширал половина милион евра на Бојан Јовановски под закрила на инвестиција во проект. Ден пред да се повлече обвението од Бурим Рустеми и од Катица Јанева, Ардијан добива порака од Бојан Јовановски: „СЈО го повлеќе денес предметот. Благодарам од срце, акде сега раат да почнеме да работиме“.
– Ако не е така – вели Јанакеиски – нека ме тужат за клевета. Ардијан Амзоски на состанок во Општина Гази Баба вели: „Почекајте до септември ќе добијам правосилна пресуда и оштета од државата и ќе ги платам комуналиите и ќе го доградам Космос“.
Миле Јанакиески тврди дека ова е единствен предмет на СЈО каде не се штитат интересите на државата и на Буџетот, туку предност се дава на приватниот интерес, односно на човек кој незаконски гради и проблемите ги решава преку политика.