Земјоделците велат дека тоа нема да ги спаси, неопходни се субвенции

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Сегашното намалување на цената на азотните минерални ѓубрива од 20 отсто не ги израдува многу земјоделците бидејќи и натаму цената за нив е висока, а нема видно намалување на останатите трошоци во нивното производство. Тие стравуваат дека во следниот период кога имаат интензивен период на прихранување на посевите цената на ѓубривото ќе расте. Тоа го потврдуваат и трговците со минерални ѓубрива кои велат дека сегашната намалена цена на азотните ѓубрива е резултат само на еден контингент кој е увезен од Индија, но веќе наредниот увоз ќе биде со повисока цена бидејќи главните производители не ги намалиле цените.

Цената на азотните ѓубрива моментно во продажните капацитети се спушти на 1.050 денари за вреќа од 25 килограми, од ланските 1.300 денари за истата тежина. Цената на останатите минерални ѓубрива е иста или за некој процент повисока од ланската.

Производителите на пченица, кои први почнуваат со прихранување на посевите, велат дека цената сепак е висока за нив бидејќи од ланската продажба на произведеното не добија многу, а сè помалку пари можат да вложат во годинашното производство.

– Да, цената на азотното ѓубриво, кое го користиме за прихранување, е пониска од ланската во време на сеидбата, но ни претстои уште едно прихранување на пченицата, а не знаеме дали ѓубривото ќе биде по иста цена. Ако се знае дека за прихрана на еден хектар пченица се потребни 150 килограми минерално ѓубре, тогаш за двете прихранување на пченицата ќе ни требаат повеќе од 200 евра, но како што реков, под услов цената на ѓубривото да остане иста и за следното прихранување. Дали ќе биде доходовно годинашното производство и која ќе биде производната цена на пченицата од претстојната жетва не решава само цената на ѓубривото. Таа ќе зависи и од другите трошоци што ги имаме во производството, а тука се семенскиот материјал и ѓубривото кои беа поскапи во време на сеидбата, нафтата чија цена варира, но и цената на средствата за заштита и климата. Сето тоа влегува во производната цена, а откупот ќе покаже каков ќе ни биде крајот – вели Петре Стојкоски, претседател на асоцијацијата на земјоделци.

Дел од земјоделците, и покрај пониската цена, поради немањето финансии нема да ги купат потребните количини ѓубриво со што го доведуваат во прашање и повисокиот принос кај пченицата.

Стојкоски апелира и годинава владата да го субвенционира ѓубривото иако сегашната цена е пониска од ланската, а откупувачите ќе треба да прифатат откупна цена повисока од производната за да продолжи зголемувањето на површините под пченица.

– Ако владата сака да се зголемат површините под пченица, како што тоа се случи годинава, тогаш ќе мора да им помогне на земјодлеците и да ја покрие разликата меѓу производната и откупната цена, ако тоа се случи и годинава. Очекуваме и оваа година субвенции за ѓубрива и нафта – додава тој.
Ристо Велков од Синдикатот на земјоделци вели дека падот на цената само на азотното ѓубриво нема да влијае на производната цена кај раноградинарските култури, бидејќи во ова производство се користат ѓубрива кај кои не е намалена цената.

– Нашите трошоци на производство се високи, а цената на минералното ѓубриво е само дел од тие трошоци. И да бидеме јасни, сите ѓубрива не поевтинија, а ние ги користиме и комбинираните чија цена е дури и повисока од ланската. Нашите трошоци не се намалија. Имаме зголемени цени на семенскиот материјал, на нафтата, на средствата за заштита. Годинава, благата зима ќе се одрази и врз ширењето на нови видови инсекти и други штетници кои, не само што ќе влијаат финансиски врз производството, туку ќе го намалат приносот. Кај градинарските култури, поради климатските промени, веќе имаме нови инсекти штетници кои го намалуваат родот – вели Велков.

Трговците со минерални ѓубрива велат дека, поради очекувањата на земјоделците да паѓа цената на ѓубривото, намален е прометот со ѓубрива, но предупредуваат дека во следниот приод не се очекуваат пониски цени од ланските.

- Advertisement -
Ad image

– Цената на ѓубривата не е намалена. Кај одделни видови дури имаме и зголемување од неколку проценти. Сегашното намалување на цената кај азотните ѓубрива за 20 отсто е резултат само на увоз на еден контингент од Индија. Веќе наредните набавки, очекуваме да бидат по повисока цена бидејќи Русија и Белорусија не ги намалија цените на комбинираните ѓубрива, а за азотните нема најава од другите производители дека ќе имаат пониски цени – вели Никола Ѓероски од компанијата „Бис промет“ од Битола.

Тој додава дека на сегашнта цена на азотните ѓубрива влијае и пониската цена на природниот гас, кој е главна суровина во нивното производство, но снабдувањето и натаму ќе биде проблематично.

Цената на минералните ѓубрива, според Државниот завод за статистика, лани се зголеми за 52,4 отсто. Само во декември ѓубривата поскапеа за 67,4 отсто.

- Advertisement -
Ad image

Од другите трошоци на земјоделците лани пораст има и кај цената на семенскиот материјал од 12.9 отсто, средствата за заштите поскапеа за 4,1 отсто, а енергијата, горивата и мазивата имаат повисоки цени за 80, 1 отсто. Вкупните влезни трошоци во земјоделското производство лани се зголемени за 13,5 отсто.

Share This Article