Украинскиот претседател Володимир Зеленски сугерираше дека Украина би можела да бара нуклеарно оружје доколку не ѝ се даде членство во НАТО. За време на својот говор во Брисел пред лидерите на Европската Унија тој рече:
– Или Украина ќе има нуклеарно оружје, кое ќе служи како заштита, или мора да биде дел од некаков сојуз. Освен НАТО, не знаеме за толку ефективен сојуз.
Зеленски додаде дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп се согласил дека е „фер аргумент“ Украина да бара атомско оружје при нивната неодамнешна средба во Соединетите Американски Држави, пишува „Дејли Телеграф“.
Украина го наследи третиот најголем нуклеарен арсенал во светот, проценет на неколку илјади нуклеарни боеви глави, кога Советскиот Сојуз се распадна во 1991 година. Сепак, во знак на добра волја, земјата ѝ ги предаде нуклеарните оружја на Москва три години подоцна.
Иако Русија повеќе пати се закани дека ќе истрела нуклеарна ракета кон Украина, ова е прв пат Зеленски да разговара за изградба на слични капацитети.
Тој рече дека било грешка што Украина се откажала од своите нуклеарни проектили во 1994 година, откако добила безбедносни гаранции од Русија, Велика Британија и САД, став што го делат повеќето Украинци.
– Кој се откажа од своето нуклеарно оружје? Сите тие. Само Украина. Кој се бори денес? Украина – рече Зеленси.
Казахстан и Белорусија исто така го предадоа нуклеарното оружје што го наследија по распадот на Советскиот Сојуз.
Украина има четири нуклеарни централи, а германското списание „Билд“ цитираше украински функционер специјализиран за набавка на оружје, кој рече дека Киев може да изгради нуклеарна ракета.
– Имаме материјал, имаме знаење. Ако се даде наредба, ќе ни требаат само неколку недели за да ја имаме првата бомба. Западот треба помалку да размислува за црвените линии на Русија, а повеќе за нашите црвени линии – истакна украинсиот лидер.
Извори во Украина се согласија дека иако во ваквите најави од Украина има елемент на блеф, тие сепак треба да се сфатат сериозно.
НАТО ѝ вети на Украина членство во западната воена алијанса, но не одреди датум, фрустрирајќи го Зеленски кој рече дека „непосредна покана до Украина да се приклучи на НАТО ќе биде одлучувачка“ во војната против Русија.
Еден безбедносен извор во Украина изјави за Телеграф дека Зеленски и неговата влада стануваат очајни.
– Постои разбирање дека земјите со нуклеарно оружје се третираат поинаку. Ова е егзистенцијален конфликт за Украина, нешто што луѓето на Запад сè уште не го сфаќаат.
Сепак, многу аналитичари рекоа дека дури и ако Украина има нуклеарна ракета, таа веројатно нема да делува како средство за одвраќање на Русија.
Наместо тоа, Павел Подвиг, висок истражувач во Институтот на Обединетите нации за студии за разоружување, рече дека Украина со нуклеарно оружје само ќе ја зголеми опасноста од нуклеарна војна.
– Како нуклеарна Украина би ја одвратила нуклеарната Русија? Kако нуклеарното оружје би ѝ помогнало на Украина на Крим? Во источна Украина? Тоа не е волшебното стапче како што луѓето мислат дека е – рече тој.
Зеленски беше во Брисел за да се заложи за поддршка за неговиот „план за победа“ за поразување на Русија. Украинските власти рекоа дека линијата на фронтот е сè понесигурна и побараа итна помош од Западот.
Силите на Кремљ удираат врз украинските позиции во областа Курск во јужна Русија и напредуваат кон градот Купјанск во северниот сектор на главната линија на фронтот.
– Ако почнеме сега и го следиме „планот за победа“, ќе можеме да ја завршиме оваа војна најдоцна до следната година – рече Зеленски.
Но, западните функционери досега беа млаки во врска со неговиот „план за победа“ на Зеленски, жалејќи се дека тоа е листа на желби за повеќе оружје и молба за дозвола да се истрелаат западни ракети врз цели во Русија, наместо длабок стратешки удар што ќе го порази Кремљ.
Џо Бајден, американскиот претседател, не го поддржа планот на Зеленски кога му беше претставен минатиот месец, а Марк Руте, новиот генерален секретар на НАТО, рече дека тој сè уште има резерви.