Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неделата на Твитер го пофали актерскиот пар Ештон Качер (44) и Мила Кунис (38) дека собрале повеќе од 30 милиони долари помош за Украинците, а претходно разговараа и преку видеоповик.
Качер ја сподели пораката на Зеленски, која вклучуваше фотографија од неговиот компјутерски екран на кој се гледа како тој, Кунис и Качер разговараат. Фотографијата ја објави и Кунис, која е родена во Украина.
– Тие двајца беа меѓу првите кои одговорија на нашата тага. Благодарен сум за нивната поддршка. Импресионирани од нивната решителност. Тие ја инспирираат нацијата – наведе Зеленски во објавата.
Во понеделникот, украинскиот претседател зборуваше за различни настани поврзани со руската инвазија и истакна дека разговарал со Качер и Кунис. „Вие сте ѕвездена двојка која искрено верува во нас, во нашата победа, во нашата иднина“, рече тој.
– Тие им помагаат на внатрешно раселените бегалци со собирање средства. Двајцата веќе собраа близу 35 милиони долари. Им се заблагодарив во името на нашиот народ, во името на сите нас – додаде Зеленски.
Кунис и Качер првично ветија на почетокот на овој месец дека ќе обезбедат донации од 3 милиони американски долари за да им помогнат на Украинците кои бегаат од својата нација поради руската инвазија.
Тие беа шокирани и „преплавени од благодарност“ откако пристигнале повеќе од 65.000 доброволни донации веднаш штом го покреанле фондот.
– Нашата работа не е завршена. Ве молиме не престанувајте да донирате. Ова е само почеток на едно многу, многу долго патување – порачаа актерите.
ФОТО: Твитер