„Само прашање на време“ е кога Украина ќе се приклучи на Европската унија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски по по ненадејниот состанок на министрите за надворешни работи во Киев, јавува Гардијан. Зеленски рече и дека Ураина „дефинитивно ќе го исполни“ својот дел од предусловите.
– Нашата клучна цел на интеграцијата е да донесеме одлука за почеток на преговорите за членство оваа година. И денеска уште еднаш на состаноци и преговори слушнав дека тоа е апсолутно можно – рече Зеленски во ноќното обраќање.
Тој наведе дека разговорите вклучуваат обид на Русија да ги заобиколи меѓународните санкции, безбедноста во Црното Море и работата на украинските пристаништа, како и зајакнување на украинската воздушна одбрана. Тој исто така рече дека Италија се обврза да ја обнови катедралата во Одеса, која беше уништена од руски ракетен напад во јули.
Украина и Европската унија ќе го одржат следниот надворешен состанок на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ во декември оваа година, изјави украинскиот премиер Денис Шмигал.
– Пристапувањето во ЕУ е наша приоритетна цел и работиме заедно, координирано и упорно тоа да се случи што поскоро – нагласи Шмигал.
ЕУ предлoжи пакет воена помош од 5 милијарди евра за Украина по „историскиот“ состанок, пишува Гардијан.
Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, информираше дека ЕУ предложила „билатерален плик“ во вредност од 5 милијарди евра за вооружените сили на Украина.
Исто така, земјите на ЕУ ќе обучуваат 40.000 војници, ќе обезбедат „специјална обука“ за пилоти на борбени ловци и ќе ги продлабочат врските меѓу ЕУ и украинските одбранбени компании.