Стотици илјади Украинци во моментов се без нормален пристап до вода за пиење по уништувањето на браната Днепар, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Десетици илјади луѓе останаа во поплавените области во јужна Украина, рече тој, обвинувајќи ја Русија дека не им помага на оние на делот од територијата контролирана од Москва.
На својот канал Телеграм, Зеленски изјави дека уништувањето на браната погодило најмалку 100.000 луѓе.
„Стотици илјади луѓе останаа без нормален пристап до вода за пиење. Нашите служби, сите оние кои можат да им помогнат на луѓето, веќе се вклучени. Но, можеме да помогнеме само на територијата контролирана од Украина. Во делот окупиран од Русија, окупаторите не се ни обидуваат да им помогнат на луѓето“, рече тој.
Се стравува дека нивото на водата може да се зголеми, јавува Би-Би-Си.Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за уништување на хидроелектричната брана Каховка во јужна Украина, а Би-Би-Си не можеше да ги потврди тврдењата.
Евакуацијата продолжи и денеска во областа Керсон, во делот на територијата контролирана од Украина.
Руската новинска агенција ТАСС го пренесе соопштението на руската служба за вонредни состојби во кое се наведува дека нивото на водата ќе биде покачено уште три до 10 дена.
Обединетите нации предупредија дека уништувањето на браната ќе има „тешки и далекусежни последици за илјадници луѓе“ и дека размерите на катастрофата ќе се знаат дури во наредните денови.