Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа призна дека ситуацијата околу Бахмут, на истокот на земјата, се влошува и повторно ги повика западните сојузници да ја снабдат Украина со воени авиони кои ќе им овозможат на украинските сили да ја бранат целата земја од „рускиот терор“.
– Ситуацијата станува сè посложена. Непријателот систематски уништува сè што може да се искористи за заштита на нашите позиции. Украинските војници кои учествуваат во таа битка се вистински херои – рече Зеленски во редовното дневно обраќање до сонародниците.
Командантот на украинските копнени сили генерал-полковник Олександр Сирскиј ја опиша ситуацијата околу опколениот Бахмут како „исклучително напната“.
– И покрај значителните загуби, непријателот ги воведе во битката најподготвените јуришни одреди на Вагнер, кои се обидуваат да ги пробијат нашите одбранбени линии и опсадата на Бахмут – вели Сирскиј, според соопштението на Воениот медиумски центар на Украина на Телеграм.
Руските сили од минатото лето се обидуваат да го заземат Бахмут, чија стратешка важност е спорна, но тој град стана симбол на борбата за контрола на Донбас, во источна Украина.
Водачот на проруските сепаратисти во регионот Доњецк (источна Украина), Денис Пушилин, вчера на руската телевизија изјави дека сите пристапни патишта до Бахмут се „во досегот на оружјето“ на проруските сили.
Руските сили со недели се обидуваа да го опколат Бахмут и успеаја да отсечат неколку главни патишта за снабдување на украинската армија.